Времето многу брзо си оди. Како да беше вчера а помина една година од нашата свадба. Животот носи секакви моменти но на крајот победува љубовта и добрата страна. Бидејќи Бог е посилен од се. Да ни се множат годините. Вака фолк пејачот и честиташе годишнина од брак на сопругата Славица. Годишнината од бракот ја прославија на романтична вечера во нивен омилен ресторан во Струмица. Без изненадувања, бидејќи и двајцата се изненадуваат и си подаруваат во текот на целата година.
-Не мора да има повод за да се изненадиме, тоа го правиме и без повод. А што значи бракот? Ќе ми треба можеби подолга дефиниција, но на кусо би кажал дека е одговорност, компромис, предизвик, среќа а понекогаш и тага. Бракот значи сублимат на се што сочинува еден човечки живот. Од таа одговорност не треба никој да бега, бидејќи човек е комплетен кога има семејство а не само било каква кариера. Ете тоа е за мене брак, накратко, вели Јордан.
Неговата сопруга живееше во Австралија, но заради љубовта со Јордан се врати да живее во Македонија. Додека беа во врска љубовта им беше на релација Македонија- Австралија, па и не е чудно ако еден ден решат животот да го продолжат во Мелбурн.
-Додека да пристигнат деца за на училиште не би можел да кажам каде живееме. Сега за сега сме во моето Подареш, крај Радовиш и од таму јас функционирам насекаде. За Австралија не размислувам, барем јас. Можеби некогаш патот би не однел некаде надвор, земајки ја в предвид непредвидливата состојба кај нас. Но, каде и кога тоа засега не би можел да го кажам бидејки и јас не знам. Зависи од многу работи. Мојата желба и надеж е дека ќе останеме овде, но ако овде работите одат назад, тогаш ќе мораме да бараме решение некаде надвор, како и многу мои блиски, вели пејачот.