Интернационалниот фолк-фестивал „ФИЛИГРАНИ“, блесна уште од 1994 година и константно го одржа високиот рејтинг со промовирањето на новиот музички жанр – чалгиско-свадбарски песни кои се огласија со прекрасната ороводна мелоримика, што бргу им прираснаа на срце на големиот број љубители на македонски песни.
Така, Филиграните се зацврстија на самиот врв од македонскта естрадна фолк- хиерархија, па утре, на 31 октомври ќе го доживеат и 25-то јубилејно издание во салата на Домот на АРМ.
Творци на Филиграните, порано Тетовските Филиграни, се Костадин Костадиновски и Катерина Стојановска-Десковска, кои во 1994 во Тетово најавија старт правејќи врвна фолк-манифестација. Стартот беше извонредно успешен, резултатите евидентни, така што филигранските песни беа доминантни во изминативе двеипол децении, па организаторите со пиетет го најавуваат големиот јубилеј на фестивалот.
Наградата за животно дело ќе и биде доделена на Виолета Томовска.
Филиграните ќе започнат со најслушаната песна меѓу два фестивала „Твојата хармоника“ во изведба на Јадранка и маестро Ристе Тушевски.
На јубилејното издание ќе бидат доделени две Гран при награди во спомен на Гоце Аранаудов и Војо Стојаноски, I,II,III награда од публика и жири како и награда за најдобар аранжман во спомен на Јанко Узунов, како и награда за најдобар дебитант, најсвадбарска песна, интерпретатор, текст и сценски настап.
Фестивалот ќе го сними и премиерно ќе го емитува Тв Сонце на 10.11.2018 во 18:30ч.