Во Штип и Струмица, во организација на „Медиа плус“ ќе се одржат „Денови на маргинализирани уметности“ . Настанот во Штип ќе се одржи денес во 12 часот во Радио кафе „Канал 77“, додека во Струмица е закажан за среда, 17 октомври во 12 часот во Домот на културата „Антон Панов“.
-Сатирата, афоризмите и портрет карикатурите ќе доминараат на настаните во Штип и Струмица во рамките на манифестацијата „Денови на маргинализирани уметности. Мотото на настаните е: „Моливот не е оружје, туку начин на размислување“, на кои ќе се претстават делата на сатиричарот Јане Атанасов од Кочани, афористичарот Ацо Ѓоргиев од Струмица и на карикатуристот Методи Андонов од Штип. Пред присутните, уметниците ќе зборуват за нивната уметност, но и за тоа дали навистина современото време на социјални медиуми ги стави овие уметности на маргините. Дали Твитер и Фејсбук се достојна замена на печатените изданија или отворено поле за нови уметници, “ велат од организација на здружението „Медиа плус“ од Штип.
На настаните ќе биде отворена и изложбата на портрет карикатури на Методи Андонов. За време на настанот, Андонов ќе изработи портрет карикатура на по еден познат граѓанин на Штип и Струмица, кому делото на крајот од настанот ќе му биде подарена. Публиката е добредојдена со свои размислувања и ставови. „Денови на маргинализирани уметности“ е дел од проектот на Министерството за култура, „Нов културен бран“ во организација на ЗГ „Медиа плус“ , кое е доброволно, непрофитно, невладино, непартиско здружение на граѓани. Формирано е со слободно здружување на граѓаните заради остварување, заштита и усогласување на своите интереси и уверувања за унапредување на граѓанското општество и локалните заедници, како и заради вршење на дејности и активности за поттикнување на моралните вредности, зајакнување на меѓуетничките односи и економкси развој во на територијата на Македонија и пошироко.