Специјално од Торино: Вања Тодоровска
Развиорени знамиња од 150 земји учеснички, претставници на „Слоу фуд“ од целиот свет, симболично, со прошетка низ делот наречен Лингото, го завршија 12. издание на „Тера Мадре“. Најпознатиот и најпопуларниот гастрономски фестивал на светот, уште еднаш ја потенцира важноста на храната, сметајќи ја за важен дел од културата и идентитетот на една земја.
До длабоко во ноќта маршираа и се журкаа претставниците на „Тера Мадре“, ечеа звуците од сите делови на светот. Чиста егзотика што се сплоти преку храната, и во тоа име се разменуваа пакетчињата со разно разни деликатеси. Се разбира, и ние бевме дел од случувањето што го спои светот – Македонија одамна е дел од глобалната гастрономска мапа.
Да потсетиме, ова е настан кој ги сплотува љубителите, подржувачите и производителите на храна, репрезентативниот „Тера Мадре Салоне дел Густо 2018“, каде имате чувство дека целиот свет го зборува јазикот на слоу- фуд. За масовната посетеност на истиот сведочат и бројките: 7000 делегати од 150 земји, тука се 900 излагачи, 500 заедници на храна од мрежата на Тера Мадре…
Terra Madre или Мајка Земја е конференција на мрежите што се одржува на секои две години во Торино а на овој интернационален настан, членовите на различните заедници се среќаваат, разменуваат гледишта, дебатираат, презентираат автентични производи, ги решаваат заедничките проблеми…
„Храна за промена“ беше тема водилка низ ова 12. издание на Манифестацијата посветена на добра и чиста, храна што може да се нарече строга револуција. Добра- бидејќи е здрава, покрај тоа што е вкусна, чиста- бидејќи е произведена со мало влијание по животната средина, и правична храна, бидејќи претставува почит за работата на оние кои ја произведуваат, преработуваат и дистрибуираат.
Инаку, на Тера Мадре, по шести пат Слоу Фуд Македонија ги презентираше производите и храната од ова поднебје.
Професорката Василка Стефановска со нејзините ученички Даниела Лазаревска и Симона Илковска
Од 20 до 24 траеше празнувањето на храната, од базата до консументите, на најубав можен начин.
Ариведерчи, до следната дружба во Торино.