Колумни за душа- Кога немавме интернет: Патувања
Чудно е чувството кога наутро се будиш и знаеш дека те чека некој пат. Друм. Макадам. Таму некаде. Асфалтот се буди, се мие со утринската роса и ги чека тркалата на возилото, кои тебе ќе те пренесат преку него.Многу е возбудливо кога човек ќе помисли колку луѓе дневно поминуваат токму по тој пат. Низ тие кривини, ги сечат лентите, претекнуваат, воздивнуваат, менуваат брзини, спијат на задните седишта, бараат низ фиоките ситни пари за патарина… И така безброј години. Разни луѓе, стари, средовечни, млади, деца… По исти патишта. Патуваат. Го трошат својот живот, како парче двопек пред гладни птици. На некои плоштади, во некои улици, во некои станови и куќи, кои мислат дека се нивни. Сé додека еден ден не сфатат дека нивни се само двата метра, на крајот на приказната. Иако, и тие не се сигурни и постои опасност за икс години да добиете и таму некој цимер или цимери…
Додуша, рака на срце, направија и некои нови патишта. Ама, пак од Скопје до Охрид се патува два ипол часа… И пак се јадат мекици, кои пет минути подоцна ти зовриваат во стомакот од ужасните кривини, огромните амбиси што зјаат од страните и можните изненадувања од спротивната страна, во твојата лента…
Сум патувал со автобус, со воз, со автомобил, со авион, со брод, со јахта, со траект, со мислите… Сум бил на многу места. Низ Македонија, низ разни градови на поранешна Југославија, Бугарија, Грција,Албанија… Сум бил во Будимпешта, Гдањск, Доха, Хургада, Анталија, Хелсинки, Кемер, Гдинија, Анкара… Не сум бил на многу места. А би сакал. Иако, како стареам, најудобно се чувствувам на мојот тросед, со далечинското во рака. Патувањата веќе ми изгледаат како напор, а не како радост. Би ги видел: Холивуд, Елисејските полиња и Шанзелизе, вечниот Рим, Кан, Венеција, Токио, Тајланд, Куба, Москва, Јалта, Малта, Кипар, Дубаи…
Но, не сум сигурен дали моите нозе би добиле соодветна команда од мојот мозок за таа активност? И дали џебот на моите стари фармерки би го издржал тоа? Но, никогаш не се знае. Соништата постојат во некој фолдер на животот и можеби некогаш ќе бидат префрлени во друг фолдер, наречен „јаве“. Хм, ова веќе личи на филозофска колумна. Што би рекол мојот професор по филозофија, марксизам и етика Томац: „Стремам кон возвишеносцццццццц!“
Пред секое патување чувствувам чудна грутка во грлото. Неизвесност, возбуда, испотени дланки, далечен страв… Од непознато, од недоречено, од неосвоено, од туѓо.
А од друга страна, низ главата кружи и едно убаво сознание, дека ќе видиш нешто ново, дека очите ќе се напијат од некоја нова убавина, можеби некогаш видена, во некој филм, сон или претходен живот.
Налик на онаа состојба, кога првпат треба да излезеш на состанок со некоја девојка, која ти се допаѓа, но не знаеш дали би сакала да ти ги возврати чувствата и дали некој друг принц ја посетува во соништата?
Исчекување. Тоа е вистинскиот збор. Некогаш патувањето завршува со блажена насмевка на усните, а некогаш со она гадно чувство кога ќе пивнеш прва голтка кафе без шеќер. Секогаш ќе се најде некоја ситница, која ќе го засени впечатокот од градот, катедралата, реката или морето.
Некогаш некоја здодевна собарка ќе ти го расипе филмот во шест наутро со своето ладно оружје наречено правосмукалка (во маало ја викавме „усисивач“) или некој бавен келнер ќе го резба твоето трпение, стекот ќе биде тврд, а компирот преварен. Или ќе налеташ на боцките на морските ежови (како многу одамна во Купари, кога одевме низ Југославија, а јас како искусен пливач влегов меѓу првите и потоа се чувствував како факир, со милион боцки од ежови во стопалата). Во Скопје завршив и во болница, каде на прашањето на младата лекарка: „Каде сум ги собрал сите тие боцки?“ – јас како од пушка ѝ одговорив: „На Треска.“ А на средината на мостот на Дрина во Вишеград ме касна оса во прстот. За да го памтам и пцујам и Андриќ, и мостот, и Дрина, и Нобеловата награда…
А хотелите се посебна приказна. Сум бил во различни хотели. Од евтини соби за едно преноќување до луксузни хотели, со 5 ѕвезди. И сите ми биле исти. Здодевни. Празни. А толку полни, со нечии судбини, гласови и допири во зрнцата прашина. Одвратни. Нечии сенки лебдат по ѕидовите. Претходиниот ден (или пред две недели) тука некои непознати луѓе се распакувале, разговарале, се капеле, миеле заби, воделе љубов, се карале, пак воделе љубов, се пакувале, проверувале дали заборавиле нешто во собата и си заминувале. И сега на истиот тој кревет, кој што до пред неколку часа бил фронт на тие двајца луѓе, ти седиш и гледаш во белите папучи и се мислиш дали да го вклучиш телевизорот или да легнеш облечен врз прекривката, која уште мириса на парфемот на госпоѓата што тука лежела пред тебе.
Посебна приказна се и куферите. Мали, големи, пластични, кожни, платнени, за рачен багаж, кинески… Секогаш исто. Долго пеглање (признавам дека никогаш не пеглам!), диплење на кошулите, панталоните… Маиците и гаќите во една ќеса. Чорапите во друга. Празна ќеса за нечистите алишта. Четкица за заби, каладонт, чешел одамна не носам, ниту фен… Исто прашање: „Ќе носиш ли прибор за бричење?!“ Идентичен одговор: „Нема, не се бричам.“ Пластични апостолки, за да не ми зовријат нозете во чевли. Да, сако или јакна задолжително, ако ноќите бидат студени… И така пред секое патување. Цел живот. Додека има каде и зошто да се патува…
Забележавте дека не споменав конкретно ниедно мое патување?! Нормално. Не сум луд, да ги истрошам сите приказни во една колумна. Главна умешност е од ништо да направиш нешто. Некогаш е најубаво исчекувањето…
Дали ќе патувам некаде на 30-ти септември?
Добар сум со здравјето, иако местимично имам висок притисок.
А вие?
ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ