Марјана Димовска од Австралија: Сиднеј го има целиот свет во мало

„Да доловам дел од моето секојдневие во последните осум години од мојот живот,  кои ги живеам во мојот втор дом , Сиднеј. Навистина далеку од Европа и од моето сакано Скопје но, сепак со сите можни предзнаци на светска метропола која наликува на Њујорк, ама со некој далечен и егзотичен признак, вели Марјана Димовска, пејачка, која реши во овој далечен град да го продолжи животот. Марјана ги има сите пофални зборови за Сиднеј и Автралија, земја која е толку далеку а која нуди можност да убав живот.

-Сепак, не можам а да не го споменам фактот дека станува збора за најдалечниот континет, после Нов Зеланд нели, а и не би можело а да не се почуствува и влијанието на Лондон, Англија, Кралицата Мајка, но и на англискиот модернизам на принцот Хенри и Меган Меркел, вели таа.

-Мојат прва стапка во ова грандиозно чудо полно со високи дострели на човечката моќ над природата беа во доцните 90-ти за време на моите студентски денови на катедрата за италијански јазик и книжевност во Скопје. Ќе бидам искрена Рим беше мојата прва љубов,па некако ме повлече старата и исторски доминантна Европа да се вратам и да ја истражувам во следните 10-тина години од мојот живот. Сепак, немирниот дух и желбата за космополитизам победија. Велат за секој чекор во животот пресуден е моментот на критична маса. Токму тоа и се случи во 2010-та година после две години работа и престој во Подгорица и Херцег Нови . Сиднеј и официјално стана мојот втор дом. За момент ќе се запрашате зошто…Зошто токму тука и зошто за подолго време…

Небото над Сиднеј

Првите неколку години ја истражував оваа така скромно населена земја а толку прекрасна по своите гребени, заливи, плажи како и  зеленило кое ве плени во својата внатрешност… Се редеа моите средби со евроипеизираниот Мелбурн, далечниот Перт, топлиот и тропски Бризбен, но сепак Сиднеј секогаш беше мојата тежишна точка, секое полетување од Сиднеј беше и аманет да му се вратам што поскоро. Токму заради тоа чувство, тој стана  и мојот избор за втор дом.

Градот кој плени со грандизоноста на градбите, со играта на светлини и бои кои се насекаде, со моќниот „Harbour Bridge“ кој му пркоси на времето и на природата, со Австралиската Opera „House“ која е своевиден непокор на времето, фјордовите и заливите во кои на секој чекор се затскрива некој нов и неоткриен свет… Секогаш милувам да кажам дека еден живот не е доволен за да се разоткријат убавините на ова чудо полно со цивилизациски дострели и природна убавина  кои се така запленувачки инкорпорирани во едно.

Многумина знаат да речат дека во животот не виделе повисоко, пошироко и посветло  небо од небото на Сиднеј… Можеби токму таму и лежи причината за  високо развиениот култ на слобода на избор на начин на живеење, размислување, делување….Инсипративно…

Еволуцијата на нашето запознавање.

При првите средби со градот си го барав моето Дебаар Маало,пуста носталгија, но за среќа и успеав, го најдов. Барав делови од мојот сакан Рим и мојата Италија, ми недостасуваа, заминав на  долга прошетка и истражување и ги пронајдов. Овој град успеа да одговори на сите мои повеќе или помалку мондески побарувања. Шетајќи се еден виекенд на  плажа што е близу до моето место на живеење, налетав и на Мајами, го препознав и засакав, си реков ете ја и локалната верзија на Мајами. И  токму така лека полека котвите на мојот лутачки брод се повеќе и повеќе за закотвуваа токму тука. Моето патешествие од Источна код Западна и од Северна кон Јужна Австралија се привршуваше, а Сиднеј го задржа постулатот за ,, мој втор дом,,. Признавам, бев размазена како мало дете па почнав да кукам по традиционални македонски јадења и наши производи,но и овој предуслов ми беше исполнет,  шетајќи по еден од поголемите супермаркети наидов на штанд на кој се продава и македонскиот ајвар, и нашето бело сирење па дури и Скопско.. Тогаш сватив дека Сиднеј  на некој свој магичен начин успеал да го инкорпорира целиот свет во мало. Не дозволил никому да му недостига ништо, ниту родната земја, ниту високата мода од Европа, ниту снобизмот од француските приморски градови, италијанската храна, тајландските специјалитети и масажи и сето тоа залеано со прекрасното вино од Јужна и Западна Австралија. Што повеќе еден човек би посакал? Како на дланка  ни се нуди сето она во што вушност сме уживале додека сме живееле во нашите земји на потекло. Конгломерат е на најразлични, земји, култури и цивилизации но целата таа лепеза на мулти-културност, мулти-националност, и мулти-религиозност се мајсторски искомпонирани во едно, а притоа не е изгубен духот на доминатната англиска култура, манири, закон и државна уреденост.

Место „кафе муабет, „Кафе на нога и во брзање“

Европската институција „ кафе муабет’’ како и во сите  големите градови па и овде е заменета со ,,кафе на нога и во брзање“,  додека одите од еден состанок до друг, бидејќи сепак дестинациите кои ги минувате се големи, а денот за жал трае само 24 часа. Често ќе сретнете луѓе кои го пијат утринското кафе и доручкуваат седејќи до вас во некој од вагоните на градското метро, а притоа ги листаат дневните весници и се спремаат за новиот работен ден. Понекогаш носталгично тагувам по долгите кафиња со муабет во  некое од скопските кафулиња, но  затоа пак секоја моја посета на Скопје како и последнава, изобилува со дружба со моите пријатели и потстување на оваа наша убава скопска навика.

Јас впрочем на некој начин успеав некако градскиот живот од улиците на Скопје да си го пренесам и во оваа огромна урбана џунгла. Моите предавања како визитинг професор се во центарот на градот, така што секоја пауза ја употребувам за ‘’кафе муабет’’ кој трае малку пократко он нашите долги кафенисувања на кеј, но сепак е убав начин на потсетување на еден долг и прекрасен дел од мојот живот. Ги нема скопските шмизли но ги има локалните и тие парадираат облечени во најновите светски трендови по улиците на Сиднеј, но се разбира во помал број. Поголем е бројот на вработени кои како река се влеваат во утринските часови во центарот, а се излеваат посе 17 часот кон предградијата на градот. Сепак вредно е да се спомене дека  да се живее во еден од најскапите градови на светот подразбира и  да се работи малку понапорно и малку подолго од вообичаеното.

Викендите се она за што живее целиот град. Плажите во самиот град и моите омилени, оние надвор од него. Жителите на овој град живеат за викендите и за традиционалната скара покрај безбројните познати и непознати диви плажи кои се во близина на самиот град. Не може а да не се спомене „Bondi“ или „Manly“, да се изостават „Coogee“ и „Brontee“,но моите омилени и често посетувани се националните паркови во кои влегуваат полу диви плажи на кои се стига со кола, но се далеку од лудилото на градот кој никогаш не престанува да диши. Бегството на плажа е мојата оаза на спокој и полнење на батерии што и  ми овозможува  полн елан за извршување на работните обрски во текот на неделата.

Ќе ја изумев музиката, таа всушност и ме донесе на оваа страна на светот. Ја негувам и милувам онаа квалитетната наша, без разлика на жанрот а исто така и со задоволство ја интерпретирам ширум цела Австралија. Мојот ангажман како солиста всушност , ми го отвори патот и со драго срце сум секаде каде што има желба за квалитетна македонска музика. Драго ми е дека и на оваа страна на светот има сеуште почитувачи на добар македонски фолк, поп но и класична музика. Имав можност да учестувам во организација и логистичка поддршка на гостувања на палета на мои квалитетни колеги и заедно да музицираме на оваа страна на светот и под ова така високо небо. Секогаш се добре дојдени и срдечно прифатени. Во моментов сме во очекување на нашиот најголем гитарист на сите времиња Влатко Стефановски. Балканската заедница со нетрпение го очекува неговото музицирање во најголемите градови.

Феноменот на адиктивност на Австралија

При крај би сакала да го споменам и феноменот на адиктивност кој оваа земја го развива кај оној кој некогаш ја има посетено. Постои мислење помеѓу нашите иселеници кои долги години живеат овде дека Австралија е адиктивна како земја. Секој што некогаш имал можност да ја посети или да живее во неа сака да се врати. Понекогаш на шега се вели дека е или во воздухот или во виното, или можеби и во двете. Сепак статистиката помеѓу моите пријатели покажува дека сепак постои и повеќе од обичен чаршиски муабет дека Австралија ги опива и повлекува кон себе оние кои еднаш стапнале на нејзиното тло. Навистина голем број од нив и и се враќаат.

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Оставете реплика

Вашата емаил адреса нема да биде објавена

error: Content is protected !!