Плажи што треба да се посетат
ПАГ, Хрватска
Хрватскиот остров Паг по многу работи е посебен и уникатен, а најмногу се издвојуваат „камените пустини“. Источниот брег на Паг со блискиот Велебит се изложени на ветр, кој нанесува сол и поради тоа вегетацијата е оскудна.
Забава – Островот Паг стана вистинска дестинација за забави. Недалеку од Новаља, на прекрасната плажа Зрче летото се претвора во фабрика за забава. Клубовите по плажите се домаќини на фестивалите и најпознатите ѕвезди од светската клубска сцена. Од утро плажите се полни најчесто со млади посетители, кои се релаксираат покрај морето, а крајот од денот го трансформираат во луда забава.
Препорака – Ретката вегетација е виновникот што патувањето на Паг ќе ви биде исклучително гастрономско искуство. Специфичната исхрана на животните е заслужна за карактеристичниот вкус на сирењето и вкусното јагнешко месо за кои е неразделива придавката – произведено на Паг.
БЕНИРАС, Ибица
Белиот остров може да се пофали со два вида забави на плажа. Од една страна е Лас Салинас, каде што Џејд Џегер-типови пијат коктели пред да се упатат на нивните јахти, на другата е Бенирас, на неразвиеното северно крајбрежје, каде што хипи-танцувачи, свирки со тапани и логорски оган ги прават редовните дружења во недела попладне најбоемски на островот.
Забава: Недела е, и како што сонцето почнува да заоѓа, почнуваат звуците на тапаните, и секој е добредојден да се придружи. Се поставуваат логорски огнови и привремени тезги на кои се продаваат бикини, накит и домашно подготвена храна.
Препорака: Ако возите, дојдете рано или ќе треба да паркирате далеку од плажата. Исто така, планирајте да останете доцна по зајдисонце или бидете подготвени да заглавите во сообраќаен метеж – единственото нешто што ќе ви ја уништи таа релаксирана вибрација.
ХВАР, Хрватска
Островот Хвар е голем учесник во забавите на далматинското крајбрежје. Бидејќи неговите плажи не се песочни појаси на рајот кои традиционално се поврзуваат со такви места, извонредниот бар „Карпе дием“ на докот е местото на главните случувања, а музиката на полноќ станува погласна наместо потивка.
Забава: „Карпе дием“ се состои од три одделни барови што гледаат кон Стипанска, чакалеста плажа на Палмижана, мал остров оддалечен околу 20 минути возење со такси на вода, од Хвар.
Препорака: „Карпе дием бич“ е предвидена за попладневни/рановечерни забави. Кога ќе падне ноќ, упатете се во оригиналниот „Карпе дием“ на островот Хвар.
ПСАРУ, Миконос
Миконос е врвот на грчките забави откако Џеки Оназис му стави џетсетерски печат во 1960. година – и с` уште е популарен кај модните следбеници, припадници на високите кругови и посетители на клубови.
Забава: Бурните забави се случуваат на плажата Парадис, но софистицираните можат да се најдат на Панормос, Псару и Парага. Извонредниот бар-ресторан „Намос“ на Псару бил домаќин на многу импровизирани забави. Стилски, тој е класичен грчки, со бели ѕидови, светло обоени перници и дрвени маси, но има меѓународен здив, диџејски настапи, одлична морска храна и гости како што се Роберто Кавали, Кејт Мос и Жан Пол Готје.
Препорака: Дојдете околу 4 часот за да добиете маса на дрвената тераса во близина на морето или подгответе се за долго патување на една од огромните софи на страната на ресторанот.
РИМИНИ, Италија
Се` се случува тука: гуруто за дизајн Рон Арад отвори хотел, „Олд таун“, дотеран и стокмен со бутици и ресторани, и има над 100 различни клубови и барови, многу од нив распоредени по должина на плажите во близина на пристаништето или во внатрешноста во Мисано Монте.
Забава: Плажата Тиркиз, која се протега на 12.000 квадратни метри, е најголемиот клуб на плажа во Италија. Преку ден тоа е семејно-пријателска дестинација со водени спортови, ресторан и бар, на зајдисонце се претвора во целосна забава на отворено.
Препорака: Во ВИП-делот тешко се влегува, па за да избегнете потенцијални проблеми при влезот.
БИАРИЦ, Франција
Ја има целата енергија на Сент Тропе, но без впечатливиот раскош. Софистицираните парижани ја избегнуваат ривиерата фаворизирајќи го нескротливиот шарм на Биариц. Бидејќи ги има едни од најдобрите бранови во светот, сурферите се чести посетители на плажите тука.
Забава: Околу еден километар од центарот на градот „Блу карго“ е единственото место во Биариц каде што може да се танцува надвор. Тоа е бар-ресторан до полноќ, а потоа надворешната тераса се претвора во подиум за танцување и може да се танцува се` до 3 часот.
Препорака: Фатете го зајдисонцето во „Лес 100 маршес“, мал бар на врвот на гребен што гледа кон морето. Таму има отменост, и неколку маси, затоа стигнете порано доколку сакате да седнете, инаку се стои со чаша вино и се ужива.