Утрово ненадејно почина познатиот режисер, Тихомир Бачовски. Комеморацијата е утре во 10 часот во Македонската телевизија. Погребот е во 13 часот на гробиштата во Бутел.
Роден е 1950 година во Скопје. Првите контакти со филмот датираат од 1966 година. Како познат кино аматер во рамките на тогашните југословенски простори освојува повеќе награди за режија на фестивали за аматерски филм во Љубљана, Загреб, Белград. Од 1971 година почнува професионално да се бави со режија во Македонската телевизија, чиј творечки опус трае повеќе од три децении во сите жанрови. Илјадници километри филмска и видео лента, безброј емисии, бројни наслови, часови и часови програма, учество на повеќе телевизиски фестивали во некогашната ЈРТ шема, со повеќе признанија и награди.
Седумдесетите години работи повеќе како режисер на документарната серија “Луѓе и судбини” од кои се издвојуваат документарниот филм за “Маалата и маалскиот живот” и “Старата чаршија” во Скопје – работени на негатив филм. Работи и како помошник режисер на сите големи играни проекти снимени во продукција на телевизија Скопје: телевизискиот филм “Табакерата”, Смилевскиот Конгрес”, играната филмска серија “Патот кон иднината”, филмската тетралогија (четири играни филма по 90 минути) под наслов “Илинден” и играната серија “Итар Пејо”…
Во 1980 година го снима својот прв игран телевизиски филм “Двојка” кој во тогашната ЈРТ конкуренција беше номиниран за учество на фестивалот во Венеција 1981.
Осумдесетите години, покрај играната програма ги “освојува” шоу програмите (скоро на сите познати пејачи од тогашните ЈУ простори), над 300 музичките спотови од кои спотот со Дорис Драговиќ, снимен во еден кадар, под наслов “Ајде да се мазиме…”. Во 1984 година на телевизискиот фестивал во Загреб од здружението на новинарите на Југославија овој музички спот е прогласен за најдобар на фестивалот.
Во 1984-та година ја снима ТВ драмата “Записник”, повторно со современа тематика како и филмот “Двојка”. Охрабрен од успехот на “Записник”, во 1985 година ја снима играната серија “На наш начин”.
Работи и како асистент режисер на играните филмови во продукција на Вардар филм: “Јазол”, во режија на Кирил Ценевски, “Среќна нова 1949”, во режија на Столе Попов и “Хај Фај”, во режија на Ристо Блажевски. Се опробува како сценарист и режисер на играни рекламни спотови. Првиот таков спот “Едтко”, кој на фестивалот за маркетинг програма во Будва во 1988 година, е прогласен за најдобар рекламен спот. Наредната 1989 година рекламните спотови “Екстра М” и “Генерација М” на фестивалот на реклами за храна во Ниш се прогласени за најдобри во овој жанр.
Сними или директно реализира се повеќе контактно-рекреативни програми: “Неделно попладне”, “Сабота без работа”, “Даровизија”, “Ноќни програми”.., прави директни преноси, шоу емисии, спотови од кои се издвојува филмскиот музички спот “Црна се чума…” за кој филмскиот критичар Ѓорѓи Василевски во 1996 го нарече “спот на деценијата во кој за седум и пол минути е раскажана цела епопеја на Македонија…”
Го работеше последниот игран проект, играната серија “Салон хармони”, снимена 1997-1998 година. Од 2004 година во телевизија „Макспот“ е уметнички директор и режисер-супервизор на програмата. Тука, како режисер, снима повеќе од 20-тина концерти на популарни музички ѕвезди, меѓу кои на Тоше Проевски (првиот концерт во Градскиот стадион), Здравко Чолиќ, Калиопи, Бојан Маровиќ, Дарио, Парни Ваљак, како и неколку концерти од познатиот Скопски Џез фестивал. Од 2003 до 2016 е режисер на познатиот фестивал “Охрид-Фест – Охридски Трубадури”. Од 2007 е слободен уметник, со цел да се посвети на играните проекти. Во 2015, за телевизија „Алфа“ ја снима играната серија „Цимери“.