Репортажа.„Тера Мадре“ – сказна за гурманите од целиот свет
Како ќе ги почуствувате ладните норвешки зими и миризливите африкански лета, опојните чешки вина, британските остриги, португалскиот солен бакалар, зачинет лук од Германија, цејлонски чај, по непристојна цена од евро ипол за кесичка, тартуфите од Франција, индонезиските зрна на какао како со триење од камен стануваат прав, виски од Шкотска, како ќе патувате преку храна, ако не сте биле на самиот извор, на манифестацијата „Тера Мадре“.
Најпопуларниот, репрезентативниот фестивал посветен на храна, во сите агрегатни состојби, облици и вкусови го имаше 12. издание, во периодот од 20 до 24 септември во Торино.
Тера Мадре Салоне Дел Густо, централен настан на движењето Слоу фуд, се случува на две години, а во оваа, 2018-та темата водилка беше „Храна за промени“, што на некој начин беше и повик за воведување на „бавна храна“ низ целиот свет, особено помеѓу 16 и 22 октомври. Во текот на таа недела, би било убаво да готвите со локални состојки, да не јадете месо и, да го намалите отпадот од храна, до нула.
Звучи едукативно и човечки, а тоа се и базните постулати на оваа сказна за гурманите од целиот свет.
Тематски целини на настанот, годинава беа – месо, риби, семиња, потоа храна и здравје и пчели и инсекти, и секоја од нив имаше имаше свои активности и презентации.
Вкусовите на светот од сите континенти, поради атрактивноста, кванитететот а се уверивме- и квалитетот, беа презентирани во повеќе сали, придружени со многуројни работилници, дегустациии на врвни вина и пива, ама и панел дискусии, каде учествуваа делегати од сите земји. Интересни работи можеа да се слушнат на „Тера Мадре“ а најчесто цитираниот е Карло Петрини, новинар и публицист за храна. Оснивачот на Слоу фуд, со голем ентузијазам зборуваше за богатството што го нуди разновидноста на храна, токму поради уникатноста и податокот дека јадењето- не е униформа.
„Напротив, разновидноста на храната е силна а предизвиците се однесуваат на климата и на животната средина. Слоу Фуд ја почнува кампања на месото низ цела Европа и САД, а целта е неговото намалување во исхраната, за најмалку 50%, не само поради емисиите на стакленички гасови, туку и поради здравјето. Италија некогаш консумираше 22 килограми месо по жител, а денеска годишно се консумираат преку 90 килограми. Во САД е уште полошо- тие годишно, по жител трошат повеќе од 120 килограми месо.“
Тера Мадре во Торино беше неколкудневна локацја за 160 земји, а меѓу нив и нашата- по шести пат Слоу Фуд Македонија ги презентираше производите и храната од ова поднебје.
Нашата земја имаше ѕвездени моменти за време на презентација на македонската храна, нешто како интеракција со посетителите, кога под водство на шефот Зоран Мајновски, и со колегијална асистенција на Маре Јаневска, Орце Трајковски- Чомбе, и новите готвачки сили на Даниела Лазаревска и Симона Илковска, се подготвуваа нашите претпознатливи деликатеси- тетовското гравче, селско месо со лути суви пиперки и праз, дебарско бело овчо сирење (произведено на традиционален начин од Скендер Аме, претседател на здружението на сточари од општина Дебар и центар Жупа), домашен ајвар, пиперки од туршија полнети со урда, домашен леб… Вкусот на традицијата, македонските гурманлаци, привлекоа многу луѓе а дегустацијата беше експресна: за еден час, се беше изедено.
Инаку, Тера Мадре бележи рекордна посетеност, и во било кој дел од денот и до доцна навечер, вриеше како во кошница. Готвачите со скротени ега, разменуваа кецели и рецепти, либанските и израелските шефови ја користеа истата кујна, овошје од Калифорнија и од Перу го дегустираа скандинавците, на рибарите од Холандија и Кореа им се погоди муабетот со сточарите од Кениа и Сибир…Руските шефови имаа максимално учество во 33 работилници, хаитски готвачи беа најредовни посетители на италијансите штандови за пармезан, а многу земји храната почнаа да ја третираат како нераскинлив дел од културата и идентитетот, особено Азербејцан, кој тие искуства ги потврди и како домаќин на Евровизискиот фестивал.
Најважен меѓународен настан посветен на културата, начинот и производството на добра и чиста храна, собра над 7000 делегати од 160 земји, 1000 излагачи, 500 заедници на храна од мрежата на Тера Мадре, и за сите нив, во огромната импровизирана менза се подготвувеше ручек и вечера со претпознатливата италијанска храна- лазањи, макарони, салати, пармезан, ориз, овошје…
И прес- центарот ги покриваше потребите на сите акредитирани новинари: се работеше турбо, секојдневно се разменуваа искуствата на седмата сила, а за да ни биде пријатно, домаќините се погрижија нудејќи кафе, локалните вина и лесни закуски.
И сето тоа се случуваше на саемот Лингото, во прекрасниот Торино.
Што да се каже за Торино? Се вљубувате во градот на кралските улици, катедрали, фасцинантни музеи, на прв, втор и трет поглед. Градот на регионот Пиемонте, со околу милион и двеста жители е татко на чоколадо, кафе, ама и на фудбалот (Јувентус), на автомобили(Фиат и Алфа Ромео), на точаци, кучиња како најсакани домашни галеничиња, ве зема во своите закрила нудејќи се без воздршка.
Торино на италијански значи бик а симболите на ова животно се наоѓаат и на знамето на градот и како скулптури на многу места. Тука е патентиран еуро кремот, тука се продава Алан форд во боја за 5 евра, можат да се најдат патиките All Star во сите можни бои а во недела се прават редици за сладолед пред слаткарниците- Гром, Пепино, Нива… Малиот Париз, со живи зелени брегови покрај опеаната река По е и вистински гастрономски гигант и домаќин на „Тера Мадре“. Ништо не е случајно, стокмено е, осмислено и со тенденција да стане- традиција.
Во тоа име, ариведерчи до 2020 година! (Вања Тодоровска)