Сончевите пеги, да или не?
Кај блондинки, жени со светол тен и коса, најчесто се појавуваат сончевите пеги. Некои ги сакаат , им делуваат весело и детски, но не сметаат сите дека пегите се симпатични.
Но, што се пеги и зошто се појавуваат?
-Сончевите пеги, медицински познати како ефелиди, претставуваат кружни или овални хиперпигментирани формации на кожата, и најчесто се со големина од 2 до 4 милиметри, вели Вероника Чадловска од козметичкото студио „Афродита“.
Создавањето на сончевите пеги е предизвикано од УВ зраците, односно, зголемената осетливост на УВ зраци, но нивното појавување е со генетска предодреденост. УВ зраците го забрзуваат процесот на создавање меланин (пигмент кој го одредува тенот, односно бојата на кожата) во меланоцитите (клетките кои го создаваат меланинот).
Како што рече Чадловска, не се менува бројот на меланоцитите, туку нивната исполнетост со меланин. Така, циркумскриптно зголемената депозиција на меланин во меланоцитите се манифестира со појава на сончеви пеги.
За жал, пегите се присутни низ целиот живот а тераписки методи кои можат да ја намалат видливоста на пегите се:
Ретиноиди
Третиноинот или тазаротенот се ретиноиди кои доколку се употребуваат во период од неколку месеци значително ја намалуваат видливоста на пегите.
Криотерапија со течен азот
Пегите може да се третираат со течен азот со цел да се намали нивната видливост. Оваа терапија уште е позната како „траума со студ“, а успешноста се должи на фактот што меланоцитите се чувствителни на студ и со тоа се подложни на деструкција.
Ласерска терапија
Со помош на ласерската терапија може да се направи селективна деструкција на меланоцитите со што се намалува видливоста на пегите. Оваа процедура најчесто дава добри резултати и има низок ризик за појава на несакани последици како формирање на лузни или дисколорација.
Производи кои содржат Хидрокинон
Хидрокинонот ја инхибира синтезата на меланин како и дегранулацијата на меланоцитите, со што се овозможува осветлување на пегите и намалување на нивната видливост. За најдобар и безбеден ефект на овој третман, потребно е за време на апликацијата на продуктот со хидрокинон, да се избегнува изложеност на сонце и да се користи крем со заштитен фактор.
Хемиски пилинг
Третманите со хемиски пилинг помагаат во „обелување“ на пегите и ги подобруваат ирегуларностите во пигментацијата на кожата.