Дукаѓин Липа, таткото на музичката ѕвезда Дуа Липа, деновиве ги полни англиските медиуми по идејата да организира фестивал во Приштина, со кој сака да ја смени сликата за Косово. Со фестивалот „Sunny Hill“ тој се надева дека сосема ќе се смени имиџот за Косово, кое со години наназад е познато само по лоши работи. Дукаѓин е стоматолог, но исто така бил и пејач во групата „Ода“, која ќе се обедини повторно и ќе настапат на фестивалот.
-Одамна сакав да организирам ваков фестивал, за да моето родно Косово го ставам на културната мапа и да докажам дека најновата нација во Европа не може да се препознава само со конфликт и скандал, изјавил тој за „The Guardian“.
Неговата идеја стана лесно остварлива откако ќерка му Дуа Липа, минатата година постигна светска слава со нејзиниот хит „Ново правило“, која исто така ќе настапи на фестивалот во Приштина.
“Сакаме да им дадеме на луѓето чувство на припадност, европско живеење и идеја дека сме дел од Европа”, изјавил Дукаѓин Липа за „Обсервер“.
“Ова е најголемиот начин за промовирање на Косово како мирољубива и музичка земја која ги поздравува сите наши соседи и сите посетители кои сакаат да се забавуваат”, додал тој.
Дукаѓин го напуштил Косово со неговата сопруга Анеса во 1992 година и се преселил во Хемпстед во Лондон. Семејството дома зборува англиски и албански, а Дуа Липа честопати се гордее на своето косовско потекло, дури и објавува слики на книги напишани од нејзиниот дедо, кој бил шеф на косовскиот Институт за историја. Таа ги споделува со своите 15 милиони следбеници на Инстаграм.
Семејството Липа се надева дека, барем малку, фестивалот ќе ја смени сликата на вести околу Косово. Дукаѓин за весникот изјавил и дека иако е бавно, сепак, имиџот на Косово во Британија се менувал на подобро.
-Не е исто како кога прв дојдов во 1992 година. Кога првпат дојдовме во Лондон, ќе им кажете на луѓето дека сте од Косово и никој не знае каде е тоа. Подоцна, сите ни викаа- “О, многу ми е жал”. Добро е што луѓето имаа емпатија, не сакам да се жалам. Потоа, со сите превирања што ги имавме, кога ќе кажевте дека сте од Косово, луѓето мислеа за дилери на дрога или криминалци. Сега сакаме да покажеме многу поинаква слика, изјавил Липа.
Билетите за фестивалот „Sunny Hill“, кој ќе се одржи на 10,11 и 12 овој месец, чинат 55 евра за сите три дена, што е според европските стандарди на фестивалот и направен е да биде достапен за млади музички фанови во Косово, пишува „„The Guardian“.
Косово нема ни два милиони население, но се покажа како плодна почва за музички таленти, не само Дуа Липа, туку и Рита Ора, која е родена во Косово, и Ера Иштрефи, која пееше заедно со Вил Смит на финалето на Светското првенство минатиот месец. Весникот во познати и успешни ги споменува и фудбалерите со косовското потекло Гранит Џака и Џердан Шаќири, како и Крешник Хоџа, кој докторираше во Англија а во моментов работи на фармацевтските истражувања во Оксфорд, пишува понатаму весникот.