Александар Сања Илиќ и неговата „Балканика“ триумфираа на Интернационалниот фестивал „Охрид фест- Охридски трубадури“, што заврши вчера во Охрид. „Балканика “ ги собра симпатиите и на жирито и на публиката и нивната песна „Нови деца“, со која годинава ја претставуваа Србија на Изборот за песна на Евровизија, и со 81 поен ја однесоа победата.
Второто место од стручното жири и припадна на групата „Колонија“, за песната „Зумбули“, која исто така ја доби и втората награда од публиката. Третата, пак, од жирито ја доби Марко Кон за песната „Крошна“, додека третата награда од публиката замина во рацете на триото „Џентлменс“ за песната „Убавина“.
„Охрид фест“ годинава го прослави 25 јубилеј а интересен момент, кој ја воодушеви публиката е што на сцената им се појавија шест водители, кои, освен на македонски јазик, им се обратија на српски, албански, грчки, англиски и бугарски јазик. Роденденската торта изостана, но сите три вечери во хотелот „Нова Ривиера“, пред чие плато се организираше фестивалот, се случуваа журки. Балкан во мало, беше коментарот на присутните, бидејки за микрофонот се фатија и наши пејачи, но и музичките ѕвезди на фестивалот.