„Врба“ на Филмскиот фестивал „Црни ноќи“ во Талин, Естонија

Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски се враќа на европско тло, откако длабоко ја импресионираше азиската публика на Филмскиот фестивал „Златен коњ” во Тајпеј. Меѓу бројните написи за филмот во Тајпеј, се огласи и истакнатата професорка по атропологија, Ју-Чиен Хуанг, која напиша:
„Прекрасен, поетски филм, кој тера на размислување. Деликатната наративна структура и продлабочените мотиви ги допираат душите на гледачите“.
Утревечер „Врба“ ќе биде прикажан на 23. Филмски фестивал „Црни ноќи“ (Black Nights) во Талин, Естонија, еден од најголемите во Европа. Со оглед дека филмот веќе имаше светска премиера на Фестивалот во Рим, во Талин ќе игра вон конкуренција, во програмата Потписи во која, како што вели Фестивалот, се „најновите дела на филмските велемајстори“.
„Врба“ ќе има три проекции во Талин, а на проекцијата на 27 ноември ќе гостува и режисерот Манчевски кој ќе има сесија прашања и одговори со естонската публика. „Црни ноќи“ е меѓу 14-те светски фестивали од А-категорија рангирани според ФИАПФ.
Премиерата во Талин е посветена на Ник Пауел, извршниот продуцент на „Врба“, кој почина една недела по македонската премиера. Екипата на филмот го нарече легендарниот Пауел „срце на нашиот филм“. Тој е продуцент на педесетина филмови (оскаровецот „Играчка-плачка“ на Нил Џордан, „Скандал“, „Мона Лиза“) и коосновач на „Вирџин рекордс“, заедно со Ричард Брансон.

Филмот неодамна постави нови рекорди на прикажување во земјава, кога за само 20-тина денови во Скопје, Битола, Охрид, Струга, Прилеп, Штип, Куманово, Крива Паланка, Свети Николе, Кочани, Богданци, Крушево, Гевгелија, Виница, Радовиш, Пробиштип, Македонска Каменица, Кавадарци… го видоа преку 20.000 гледачи. На барање на публиката во Штип, Крива Паланка, Радовиш и Кичево имаше и дополнителни проекции.

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени