Ива Штрљиќ, актерка: Во сé додавам лажиче љубов

На прва топка, освен звучното презиме кое открива кој и е татко (актерот Милан Штрљиќ), Ива (1977) има атрактивна надворешност- русокоса, долгонога, нема шанси да не се свртите по неа. Па да, да не беше актерка ќе беше топ модел, гарант!
Ива Штрљиќ, актерка, самоуверено си го трасира и гради патот, пишува книги, има своја емисија…Во графата на нејзините квалитети може да се стави прецизност, точност и голема професионалност, а пред се вистинската мајсторија и начинот во користењето на зборовите.

Детето на љубовта а сега – млада жена која живее од љубов- така зрачите и во таа насока би Ви опишала. Дали навистина љубовта е вашата мирудија која- во се се меша?
– Убаво го забележавте тоа. Навистина, никогаш не правев ништо без да додадам барем едно лажиче љубов, иако може да се каже дека во се што работев истурав љубов во вреќи, галантно, не штедејќи како цепидлака.
Единствено така е чесно, и само кога е завиткано во добра намера, се има смисол. Таква сум и кога зборуваме за работа но и кога зборуваме за емотивни или пријателски односи. Напишав три книги за љубов „Немаш појма колико те волим“, „Знам да мислиш на мене“, и „Волети у Београду“, водам емисија чија тема е љубов „Љубав и тако то“. Важно ми е што и да правам во животот да имам подршка, добра волја, енергија, радост и верба во тоа дека луѓето во суштина се, сепак благородни суштества.

Како актерка со специфичен израз, веќе ја „оправдавте поврзаноста“ со популарниот татко, Милан Штрљиќ. Познато е дека не ве ангажираат поради тој податок?
-Поради тој факт никогаш не добив ниту една улога и мојата борба е иста како борба на секоја девојка која го бара местото под ова наше уметничко небо. А под тоа небо и во тие стремежи да ја добијам вистинската прилика, ретко кога е спокојно и сончево. Можеби некои други луѓе чии родители се актери добиваат полесни прилики, бидејќи некој се грижи за нивната работа, но тоа не е мојата приказна.
Секој човек е историја за себе. Секогаш во животот ми недостигал оној момент нешто лесно да ми дојде, некоја добра шанса, некоја добра улога, ама за се морав силно да се напрегам. Да ги добивав улогите поради татко ми, веројатно ќе глумев во некоја од тие популарни серии каде глумеше тој, или во некој филм, ама како што гледате, не играм… Жал ми е поради тоа. Би ми значело. Ама тоа е мојот живот. Можам да сум горда на себеси што со труд и со работа се изборив да траам и, дека во Белград постојат некои супер луѓе што сакаат токму мене да ме видат во нивните проекти. Би ме радувало да заиграм и во Македонија, се разбира. Верувам дека ќе дојде моментот и за тоа.

Велат, комедијата е најтежок жанр, и гледајќи ве во „Магазин ин“, со монологот на Ружица, жена опседната со астрологија, по текст кој патем вие го напишавте, беше толку јасно дека сте родена токму за комедии. Дали Ружица ќе заигра на штиците што значат живот?
– И не сонував дека мојата Ружица ќе собере толку симпатии после еден настап во „Магазин ин“, ама телефонот не престанува да ми ѕвони, и сите ме прашуваат каде и кога повторно ќе ја видат Ружица. Моментално пишувам нешто за телевизија, каде Ружица е главен лик, така што за почеток ќе ја видите во телевизиски формат, но секако би било убаво да зачекори и на сцена. И за тоа размислувам.

Вита и атрактивна, со бриток ум ама и голема доза на емпатија, како адут што збунива, слободно можевте да се бавите и со манекенство, и ќе бевте на самиот врв. Но и модата е вашиот терен.
– Ви благодарам на убавите зборови. Како девојче завршив курс за манекени кај познатата манекенка Тамара Бакиќ, ама актерството беше мојата најголема љубов, и логично тргнав по тој пат. Често ме повикуваат на ревии, да ги промовирам креациите на младите креатори, да снимам реклами и тоа ме радува. Сакам облека која е креирана со фантазија, заинтересеирана сум за се модерно и драг ми е тој тип на соработка поврзан со модата.

„Љубов и тако то“ е вашата емисија каде гостите прозборуваат за убавите нешта, кои попатно ги заборавиле. Колку уживате во овој предизвик?
-Емисијата „Љубав и тако то“ досега е петиот формат што го водам, а она што посебно ме исполнува е што е ова мојата авторска емисија, и нешто што гледачите навистина го обожаваат. Важно ми е на гостите да им биде убаво, да се сетат на она што ги прави среќни, на момент да се присетат на оние најпитоми и најнежни моменти, со кои животот ги дарувал. Многу ја сакам водителската работа и никогаш не ја сметав за алтернатива туку ја ставав на истото место со сите мои љубови, заедно со актерство и со пишувањето.

Зборови, мечтаење, реалноста, тој, љубов, исчекување, Белград… Како се навлековте на пишување книги?
-Како малечка сакав да пишувам. Тоа воглавно беше поезија, љубовна поезија се разбира, во шега ја нарекувам- хормонска.. И тогаш, во еден момент почнав да пишувам приказни. Една зима отидов во Лагуна, и ги прашав дали би сакале да објават нешто од тоа. Беа воодушевени, и така започна се. Сега ми е важно да го спојам актерството и пишувањето, и моментално пишувам нешто што ќе биде почеток на една убава и долга врска.

На крајот од денот, кога ќе фи фрлите високите потпетици, ќе ја избришете шминката, која е Ива е зад огледалото? И, што на вас ви донесе созревањето?
-На крајот од денот, драго ми е што секогаш имав доволно радост, желба и храброст да го исцртам патот онака како што мислам дека треба, без она- направи го тоа затоа што мора и затоа што тоа се очекува од тебе“, туку секогаш ми беше важно она што го правам да наликува на мене.
Растењето и созревањето ме научи внимателно и прецизно да одбирам пријатели и секогаш да сум опкружена со оние луѓе во чија љубов сум потполно сигурна. Тоа верувајте ми, е најважно.

Вања Тодоровска
Фотографии- Јаков Симиќ, Алекс Дмитровиќ

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени