Менопауза, или, кога жените се магнетски привлечни

Војна на хормоните, втор пубертет, кадифени женски години, време на плачење, нежност па- „дивеење“- климакс, менопауза… и како се` не стереотипно се нарекува и опишува климактериумот.

Познавам многу жени, а и јас сум една од нив, кои во овој период на животот, апсолутно се, модерно кажано- најдобрата верзија на себе си. Полни со живот, повеќе немаат илузии и знаат дека за се треба да се погрижат самите, (особено за насмевките), опкружени се со луѓе што самите си ги одбрале, чекорат храбро и си веруваат. Среќно некое време!

Но, на многу жени менопаузата им ја брише насмевката, се чувствуваат старо, непотребно, истрошено, се затвораат во себе, и тагата полека им станува сојузник на патот во еден правец.
Се старее ли?

За жал, дискриминаторскиот однос кон староста, како дел од културата на која и припаѓаме, ги дели луѓето и по години и по старост. Тој однос незабележливо и несвесно ги окупира и нашите размислувања, се споредуваме со многу помлади, се сеќаваме какви бевме… За жал, поголемиот дел од жените стареењето и климактериумот го доживуваат како болест.

Климактериум не е болест

Всушност, станува збор за нормален дел од животот, фаза, уште еден долг чекор кон новото поглавје што започнува со нередовни менструални циклуси, односно намалено излачување на хормоните естроген и прогестерон. Климактериумот (грчки „климатер“ – промена) е минлива доба кај жената кога престануваат нејзините генитални функции, што за својот почеток ја спомнуваат новата декада од животот. Приказната секогаш е индивидуална и секоја жена си ја доживува поинаку, но мистиката на овие години оди дотаму што кризите и депресиите се толкуваат како незадоволство поради нереализираната женственост, исфрустрираност, ненаплатени „долгови“. Многу често станува збор за жени кои имале очекувања што ја надминале реалноста, па на околината и се наметнале како кавгаџики и персони погодни за одбегнување…


„Преминот од едниот кон другиот животен стадиум се означува како развојна криза и секоја фаза од животниот циклус треба поволно да се реши за понатамошниот развој да тече непречено. Генеративната, пак, фаза на жената почнува некаде од пубертетот, кога личноста созрева на биолошки план и кога со првата менструација се означува животниот период кога таа е плодна да ги оствари основните човекови цели: репородкуција и одржување на животот“, вели проф. д-р Георги Чадловски.
Всушност, репродуктивната фаза кај жената трае до средната возраст за полека да почне да се намалува, се` додека сосема не згасне, заедно со одредени биолошки и психолошки атрибути што ги следат годините. И така настапува климактериумот, фазата кога жената престанува да биде жена која може да раѓа. Чадловски вели дека треба да се има на ум оти климактериумот е еден физиолошки период на жената како и пубертетот и тој – не значи болест.
„Менопаузата е поттикната од значајни хормонални промени во ендокринолошкиот циклус на жената, кои не се одразуваат само на генеративната способност, туку имаат одредени реперкусии и врз психолошкото и врз соматското здравје на жената“, продолжува Чадловски. „И бидејќи станува збор за природна и нормална појава, таа не треба да се третира фармаколошки се` до оној момент кога длабоките хормонални промени не се реперкуираат и на физичкото, а особено на психичкото здравје“.
Инаку, почетокот на климактериумот е строго индивидуален: се јавува помеѓу четириесеттите и педесеттите години, но неретко започнува и наближувајќи им се на шеесеттите. Чадловски вели дека хормоналните промени се должат на наглото паѓање на естрогените хормони, кои се создаваат во јајчниците. Токму затоа се чести промените во функционирањето на некои органи, а жената ги чувствува како нагли брановидни топлини, забрзано чукање на срцето, претерано потење, сувост на лигавиците (особено на вагиналните, што се одразува со одредени болки при сексуалниот однос), повремени мигренозни главоболки, психички и телесен замор, паѓање на концентрацијата, несоница, зголемена чувствителност, нервоза и сл.

Не плашете се

„На психички план жената е соочена со фактот дека веќе не е способна да раѓа, дека веќе не е жена во генеративна смисла на зборот и дека е „помалку вредна“. И она што најчесто ја плаши е фактот дека со климактериумот се ближи нејзината старост и дека нејзиниот партнер ќе си најде некоја друга. Божем, мажите бараат само плодни жени“.
Чадловски нагласува дека оваа фаза е неминовна за секоја жена со здрави јајчници и затоа и периодот треба да се сфати како таков.
Така жената ќе биде добро психолошки подготвена за сите психолошки и телесни промени што настануваат и што се предизвикани со наглиот пад на естрогените хормони. И во климактериумот и по него, жената сеуште ќе биде жена со сите нејзини позитивни атрибути, либидото ќе и се намали, но набргу организмот ќе се навикне на новата хормонална рамнотежа и тоа ќе биде доволно силно за долг и здрав сексуален живот, ослободен од размислувањата за контрацепција и планирање на семејството. Освен тоа, таа е веќе реализирана, задоволна и сигурна во себе, и навистина делува магнестки привлечно врз околината.
„Веќе реков дека тоа е физиолошки период на жената, предизвикан од наглиот пад на естрогените хормони и во брзото навикнување на организмот на такво намалено ниво, жената обично и нема потреба од медицинска помош. Ако наглото паѓање, пак, предизвикало малку повеќе и малку посилни и психолошки и соматски тегоби, секако, потребна е консултација од матичен гинеколог и психијатар“.
Патем, психијатрите предупредуваат дека во климактериумот се почести одредени психопатолошки растројства, како што се анксиозно-депресивни состојби, кои навистина бараат соодветна стручна помош. Така е со понежниот пол, додека посилниот својот дел од приказната го базира единствено во стравот од староста.

Мажите се глупираат

„Би сакал да завршам со мажите. И кај нив, со напредување на возраста постепено се случуваат одредени хормонални промени, но не станува збор за климактериум, бидејќи тој израз е врзан само за генеративниот период на жената. Навистина често и во лаичкиот, па и во медицинскиот јазик некои зборуваат за климактерични психолошки и телесни симптоми, но тие освен хормоналната поврзаност, почесто се поврзани со одредени психолошки притисоци што ги носат годините: стареењето напредува, се ближи крај на животот, па ајде да ја живееме својата втора младост и да се втурнеме во некои еротски авантури што не одговараат на возраста и сето она што таа го носи и на психолошки и на биолошки план. Наводно, покаченото либидо е само индивидуална психолошка компензација на намалената потенција. Оттаму се и честите коментари: пушти го, нека се изглупира малку, ова му е нешто како – лебедова песна“, завршува д-р Чадловски.
ВАЊА ТОДОРОВСКА

Фото – Pexels

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени