АЈ ФИЛ ФУД. Ресторан „Light club“, магнет за пребирливи гурмани

Одам кон „Light club“, ресторан сместен на супер локација, во близина на АМСМ, спроти „Веро“. Денот е кус и сив, а лек за нас, нежните гурмани е само малку „прегризнување“. „Затоа, денеска ќе имам лесен, лајт ручек“, си ветувам охрабрувајќи се со примери што треба да ме мотивираат. Нема мистика, веќе знам, се доусовршив во значењето на волшебниот збор кој гласи- умереност.
Еве го примерот на Толстој. Во времето кога доживувал најголеми морални проблесоци, се откажал од сите можни задоволства, гурманлаци, па и од месото.

„За добар живот се потребни многу добри дела, па ако човек има намера сериозно да живее, треба да е доблестен, да владее со самоконтрола и со самоспречување. Тука главната нишка е самоконтрола врз храната“- запишал овој руски големец и јас му верувам. Лав бил опасен тип – првин затоа што се наживеал (82), ги пробал сите искушенија, имал време да ги обмисли, па и да ги смени ставовите, напишал убавини а кога престанал да им придава важност на импресиите, решил – перото да го замени со плугот. Зарем тоа не го мислиме сите, одвреме-навреме?
Стигнав до саканото место и погледот ми го привлекоа дрвени маси и ретро столови, пријатна атмосвера и домаќински услужлив персонал. На овој простор, денот декемвриски е како создаден за уживање.
Штом стапнав во клубот, се ми беше јасно. Првиот дел е замислен за почетната фаза на оброкот – по западњачки терк да се стартува со пијачка, а потоа е преместување во делот за јадење. Но, сега во претпразнични денови локалот дејствува магнетски врз моите сетила – се е блескаво, црвено, зелено, бело.., пријатна светлост од плетени лустери, смирувачки бои, „крцкаат“ чашите и есцајгот на сервираните маси, како да си влегол во некоја сказна. Ѕидовите се од цигла и камен, а во нив вградени и желбите на оној што го осмислува сето ова. Веднаш добивам придружба – келнерот ми посочува една маса, ми посакува убав помин и ми го предава менито.

Ех, ех ех, мојата омилена литература, каде со извезени букви се наведени чорби, топли и ладни предјадења, рибни специјалитети, главни јадења – свинско филе, лигни, шкампи, крап, морска риба, пинџури и макала… На масата до мојата гледам две двојки што се насладуваат со мусака а келнерот ми го фаќа погледот и за миг ми појаснува – „Имаме и домашна храна, често тоа се различни јадења кои дневно ја инспирираат нашата готвачка“.


Дознавам дека се` се прави на лице место, нема подгрејување и импровизирање. „Мхх, има и пити?“ – прашувам и одговорот ми е повеќе од охрабрувачки – се` е приготвено во нивната кујна.
Можеби е субјективно ама питата е царица на секој оброк. Нели? Во секој дел од денот има доминантна улога – ја смирувам совеста и со ова месено нарачувам и нешто да ми го „исчисти“ духот – зелена салата со јаболка.
Келнерите се профи – даваат информации, таман колку што треба, облечени се во снег бели кошули, а опашани со црни престилки. Ненаметливи а брзи.
Салатата веќе ја консумирам – меѓу листови марула наоѓам рендани јаболка, чери-доматчиња, ореви. Мхмм, крцка. Го чувствувам и медот, ми дава енергија за понатаму. Питата е со сирење, и ми годи. Одличен антидепресив за овој период.
Таљатели со морски плодови е мојата нова желба, иако со грижа на совест помислувам на Толстој. Ама никој не е совршен!

Го пуштам погледот да се распостле по оваа убавина. Одамна не сум уживала во просторот, ама- празници се ближат…

Ресторанот полека се полни, музиката е пријатна, луѓето, како што вообичаено се вели, се убави, опуштени – ова е нивното катче, дневна доза на добра атмосвера и луксуз.
Мојата паста е мала слика на чинија – боите на таљателите, школките, рукола, раскош не е само на лик, туку и на дело. Убаво за око, доблесно за желудник. Превкусно. Чепкам по малку, пивнувам од белото вино и му заблазнувам на животот. Прекрасно, браво за готвачката!
Не ми се станува, но ноќта е млада и отрезнувачка. Во стилот на Толстој, решавам уште повеќе да се разбранувам, нарачувајќи печена тиква. Додека ја чекав, келнер поминуваше со количка, од оние специјални каде гостите можат да ги видат и одберат рибите. Беа тазе, ептен свежи, ги познав и јас. Си ветив една таква гозба во празниците што доаѓаат.

Но, да се вратам на десертот, тиквата. Имам сто препораки за неа, и кога ја видов, нагиздена како кралица а уште повеќе, кога ја пробав, и се заколнав на безусловна љубов- мед, ореви и други чудесии. Да не посакаш да заврши.

Така пресреќна завршив и станав „да кинисувам“ со неколку нови сознанија.
„Лајт кафе“ ми го потврди она што го насетував.
На светот постојат работи на кои им требаат сведоци. За среќа, има и такви што се сведоци сами за себе.

(Вања Тодоровска)

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Оставете реплика

Вашата емаил адреса нема да биде објавена