Светлана Бојковиќ: Сеуште сум г-ѓа Попадиќ
За Светлана Бојковиќ, една од најдобрите екс- ју актерки се вели дека секоја улога може да ја „опреми“ со аристократски манири : сеуште се паметат Емилија Попадиќ, од серијата „Бољи живот“ и сестра Антонија од „Среќни луѓе“, улоги кои во деведесеттите ја етаблира во најпопуларна домашна телевизиска ѕвезда. Оваа српска актерка, која во својата биографија бележи и филмски и театарски улоги, приватно е многу комуникативна и весела жена која плени со својата елоквентност.
Вие сте една од актерките која во телевизиските ликови успеа да вметне – господственост, аристократски манир, сеедно дали е тоа Емилија Попадиќ од ТВ-серијалот „Подобар живот“, Емилија од „Среќни луѓе“, Валерија од „Семејно богатство“...
– Често тоа го велат… Инаку вистинскиот впечаток секогаш е во окото на набљудувачот. Меѓутоа, тоа е нешто што го носите во себе како личност. Со таа црта ги боите и им давате живот на улогите, а притоа и не сум свесна за тоа. Во секој случај, убаво е да се слушне ваков комплимент.
А магијата на филмот? Кои филмови го обележаа Вашиот живот и што денес мислите за култниот „Пас који је волео возове“?
– И денес мислам дека филмот „Пас који је волео возове“ е добар. Улогата на Мика во него, за која добив „Златна арена“ во Пула, во дамнешната 1978 година, ја сметам за најзначајна актерска задача на филм. Инаку, не снимав многу филмови, некаде десетина.
Може ли да се демистифицира специфичност, поинаквост, на актерите?… Публиката Ве сака – оддалеку, но колку е лесно (тешко) човек да Ве разбере – одблиску?
– Актерите се специфични, пред се, поради спецификата на својата работа. Што вели Шекспир во Хамлет – „Што и е тој на Хекуба или Хекуба нему, за да плаче по неа?“ Сакам да кажам дека актерите трошат огромна енергија и страст за копањето и истражувањето по други личности и туѓи судбини, за сето тоа бреме да го провлечат низ себе, за да се изразат и на сцена и да им се уверливи на гледачите. Приватно сум искрена и едноставна во комуникацијата со другите, но моите искуства во обратна насока се повторуваат – луѓето стереотипно комуницираат со мене, инспирирани и поведени по моите телевизиски улоги.
Кој повеќе Ви завидува – мажите или жените?
– Искрено, не гледам причина кој било да ми завидува и тоа никогаш и не го забележав. Она што најчесто го гледам е љубопитност на луѓето да ме запознаат.
Што е со младите, оние што допрва собираат искуства, дали сакате да им давате совети? Патем, што најмногу и зборувавте на ќерка Ви, Катарина Жугиќ и од што сакате да ја заштитите?
– На младите им давам совети само кога сум сигурна дека ќе ме разберат, всушност, единствено тогаш е корисно, инаку е залудно и здодевно… На Катарина често и зборував да бара што повеќе од себе, затоа што уметникот единствено така се развива и напредува. Од креативните маки беше невозможно да ја заштитам, а низ сето друго мораше да помине со лично искуство. Се разбира, секогаш сум тука да поразговараме, да ја поддржам и посоветувам.
Изгледате негувано, стројно. Колку се грижите за себе однадвор, држите ли понекогаш диети и како сте секогаш средена?
– Ви благодарам на комплиментот и ако е така, тоа е првенствено благодарение на генетиката, ама и на негувањето. Не претерувам во тоа, се негувам, ама не робувам… Често користам козметика која не е брендирана, но која и годи на мојата кожа. Диети ретко држам, но внимавам што, кога и колку јадам.
За Вашето астролошко обележје – Стрелец се вели дека нозете им се гладни по патувања, насмеани се, омилени, оптимистични...
– И имаат многу енергија. Што да речам освен дека навистина ги поседувам обележјата што ги красат Стрелците, а адут плус ми е подзнакот, исто така во овој знак. (В.Тодоровска)
Фото- jelenakalicanin.com