Снежана Сани Богдановска: Ќерка ми ме навлече на фитнес и пливање

Доколку со бројки треба да ја распослеме кариерата на Сани Богдановска, пионерката на манекенството и на се поврзано со модата,  „35-ка“ би завршила работа. Во оваа цифра се спакувани сништата, желбите и реализацијата на една убава и умна жена која, дефинитивно станува бренд со сопствено име и презиме.

И покрај визелната- кревкост, вие сте вистинска алфа – жена, секогаш пред време со својата посебност. Модел, моден критичар, зад себе имате богата кариера, медиумско искуство, книга…Со што уште би ја збогатиле својата биографија?
-Модата ми е пред се’ животна страст која е преточена а не условена професионална нужност. По својата природа таа нуди постојано разновидни предизвици а интервјуата ме потсетуваат колку дрско долго го правам тоа. Во својата историја, на сега веќе 35.годишна кариера на патот по модата, нескромно ќе констатирам дека по некоја случајност епитетот- пионер, ми е професионална судбинска предодреденост. Па во портфолието ќе запишам дека сум дел од првата професионална екипа на македонски манекени, првите модни кореографии, првата модна агенција, прв профилиран моден новинар, прв и за сега едиствен моден аналитичар, автор на прва модна книга во Македонија ….И, како некаква подвижна историја на македонската мода обврзана сум на материјален запис (книга но и документарец ) за историјата на македонската мода. Пред тоа, уште само напорот да го протуркам проектот на прва професионална понуда на имиџ- консултант.

За многумина професијата- модел е вистинска привилегија. Што мислите за тоа, и можно ли е да ја споредите нашата модна сцена, некогаш и сега?
– Можно секако е, но прашањето е дали е благодарно. Секоја временска паралела го крие ризикот да прозвучи патетично, но во овој случај тоа што сведоците од тоа време носат сеуште јасни слики говори речито за квалитетот на себеинвестирањето во една сосем ефемерно восприемана активност.
Првиот впечаток за ПРОФЕСИЈАТА модел е дека тоа не изискува поголем интелектуален ангажман, ама затоа изискува нарцисоидност во огромни количини за да може да се опстане во неа. Вистината е дека како просечен модел може да се протнат многумина со просечни параметри, но врвен модел станува само лик со карактер, персоналитет и идентитет. Само исклучоци за жал го потврдуваат ова правило. Колку пак очајно изгледаат обидите на масата девојки денес, без базичен потенцијал е одвишно да се дискутира. А состојбата на теренот демантира дека квантитетот нужно преминува во квалитет.

Облеката можеби не зборува но шепоти…многу за човекот. Кои парчиња од гардероба никогаш не излегуваат од мода и, што се има во вашиот орман? Потоа, кога тежината е константна, можат ли да се следат циклични враќања на модата?
-Во теоријата за модата постојат точно дефинирани основни парчиња кои се темелот на секоја добро оформена гардероба. Основата на која се надоградува и гради орманот со стил и секоја жена со базично естетско чувство (би требало да) ја знае таа лекција. Стилот и начинот на изведбата е веќе друга приказна. Така наречените безвременски парчиња, ако добро се грижите за нив но и за својата фигура, можете да ги уживате цел живот. Тие се драгите камења во гардероберот, се нарекуваат – Винтиџ и нивната вредност се’ повеќе се актуелизира во модниот свет, особено што модата се потпира, генерира и инспирира од минатото кое си има и свое правило кое се нарекува- Леверово тркало. Јас со мојот култ кон облеката сум своевиден помодар (или предмодар) во таа смисла, па мојот плакар е вистинска модна архива или „пачворк на мојот живот“ како што го нарекувам во мојата книга.


Ја споменав тежината и мислам дека е време е да се демистифицира апетитот на манекенките. Сани, колку и како се храните, претерувате ли понекогаш и како се чистите од токсини?
-Манекенството е ПРОФЕСИЈА а не хоби како што нашите моделки милуваат да кажат, а секоја професија си изискува свои професионални критериуми. Модната индустрија е специфична и не трпи импровизации особено кај оние кои треба дирекно да го продадат сонот. Тенденцијата во моментов е манекенките да не изгледаат истоштено туку здраво. Трендовите се: пропагирање на здрава исхрана и фитнес и тие мораат така професионално и да се однесуваат.
Грижата за себе ја сметам за најголема придобивка од мојот багаж како манекенка, кој за среќа се преточи во подеднакво изискувачки ангажман на јавно истапување кое претпоставува одговорност кон својот изглед. Но, вистинскиот предизвик се појави во суптилниот преод кон зрелите години кога веќе не важи она „од Господа дадено“ па морате да направите сериозно преиспитување на своите животни навики. Дилемата „да се биде или не” ми ја разреши мојата ќерка која ме „навлече” на фитнес и пливање кои ми го трансформираа телото (кое беше на добар пат на деградација) но и мислата. Така, здравата исхрана стана животен стил и апологетство. Без црвено месо и шеќер (освен торти на родендени и свадби), бело брашно и сол, џанки храна третирани како отрови до крај на живот. Домашно приготвена храна на начин и со состојки за кои знаеме дека се полезни ама на крајот и вкусни. Јаболков оцет, лимон, сода, зелен чај , ѓумбир и вода се нешта без кои не можам да го замислам денот. Се разбира, добредојдено е и чаша црвено вино на крајот на денот . Или уште подобро како што вели Мерлинка- „Започни го денот со насмевка, заврши го со шампањ.”

Вашата ќерка често ве придружува на разноразни настани во градот, и убава е сликата што ја гледаме. Со кои модни совети растеше таа, ви пркосеше ли со сопствениот стил или сакаше да наликува на мама?
-Сакаше да наликува на мама ама на онаа од секојдневниот живот а не таа од екраните и модните ревии. Затоа созревањето одеше преку „Дед метал бенд“. На матурата се појави во мартинки, фрак со тул и маица со натпис. Беше тоа насока по малку поткрепувана поради мојата грижа да не ја оптоварувам со наследството на мајката, па нејзиниот талентот и активниот интерес за мода неоправдано го запоставивме, занемаривме, деградиравме и потиснавме. Нешто што денес со право ми го забележува. Но, талентот не може да се скрие, па иако беше можеби доцна за сериозна кариера исчекорите кои ги направи во модниот свет, само го потврдија и акцентираа потенцијалот.
Еден мој проект („Новинарите стилизираат“) беше мотивот за разоткривање и артикулирање на манекенката во неа. Беше тоа воедно и нејзино прво качување на потпетици и по долги години стапнување на писта со сигурен и самоуверен чекор, реоткривање на заборавениот потенцијал. Сега со неколкуте години непосреден допир со италијанската модна сцена таа е одличен познавач со прецизно чувство за мода и совршен партнер во мојата работа.

Што мислите за оној дел на популација на Скопје, што ја држи главата високо над водата, жени што немаат потреба да акцентираат на себе- она што го имаат во себе…Кои се вашите фаворити на тема-женственост и стил?
-Го цитирам Епиктет кој вели : „Дознај најпрво кој си, па потоа покриј се себеси соодветно.” Тоа е толку поразлично од современите тенденции кои агресивно ви налагаат дека по секоја цена треба да да бидете во тренд, да личите на овој или оној, да се претопите во мноштвото….и сето тоа во галопирачко темпо. Индивидуализмот е опасен, бара мисла и сознание и брзиот профит тука не проаѓа лесно . Но, модно еманципираните персони го имаат апсолвирано фактот на персоналитет, идентитет ама и естетско чувство, зошто подеднакво губитници се и т.н. модни жртви и оние од другата страна на спектарот кој остануваат на нивото: „јас сум таков, баш ми е гајле кој мисли што за мене“, а при тоа пропуштаат да го извлечат најдоброто од себе, за себе. Но, за среќа постојат индивидуалци со беспрекорен стил, иако во симболичен број а јас искрено им се радувам и восхитувам.

Како се браните од емотивните крлежи, отровните мисли и летаргијата? И уште нешто за крај- дали со силата на својот карактер успеавте да го придвижите часовникот во спротивна насока?
-Една од големите привилегии на таложење на искуство е развивање на чувството со кое ги детектирате луѓето. Со текот на времето научувате навремено да ги „намирисате“ и одбегнете оние на кои непотребно би ја потрошиле енергијата и времето но и да ги прифатите недобронамерните како лекција. А чудесниот парадокс на животот се случува кога ќе сфатите дека времето е се што имаме а не можеме да го дофатиме и затоа е бесмислено да го трошиме во летаргични и отровни мисли. Прави корисни нешта и продолжи да чекориш по патот! Зошто целта е иста нели, патот е тој кој што е важно да го изодиш најдобро што си можел, иако не секогаш како што и си посакувал.
А часовникот не оди наназад сигурно, можеби малку доцни, и се додека не застане добро е. Во тој контекст некој мудар рекол -внимавајте на Вашите мисли, тие стануваат зборови, зборовите дела, делата карактер, карактерот судбина. Па, во обидот да ја разубавиш судбината нема што да изгубиш.
Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени