Тања Турунџиева – Заштедете: откажете се од цигарите и јадете сезонско овошје и зеленчук

Јануари е најдолгиот месец, знаеме сите. Притоа, без се можеме, но без храна сме немоќни, особено кога не сакаме квалитетот на исхраната да се одрази врз нашето здравје. Значи- како да го истуркаме месецот а притоа да сме во добра форма? На ова прашање, блиц одговор на Тања Турунџиева е сезонската исхрана а еве што уште вели нашата позната нутриционистка.
– Најважно е да консумираме сезонско овошје и зеленчук а тоа секако ни е најефтино- раскажува Тања. – Карактеристичен пример се доматите и краставиците кои ја достигнуваат својата „астрономска“ цена а најважно од се е што во овој период тие го немаат истиот квалитет и вкус како во летно време. Замената на овие зеленчуци можеме да ја направиме со коренастиот зеленчук, кој во овој период е сезонски. Така на пример: цвеклото, морковот, дајконот, целерот, белата трупка имаат супер цена (30 – 60 денари) а по својата нутритивна вредност, како и поради зимскиот период, тие ни се потребни сега. Истото би го напоменала и за овошјето. Сега е периодот на јаболка, портокали, мандарини, киви, па затоа уживајте во нивниот вкус. Потоа тиквата, вистински деликатес од кој можете да приготвувате и благи и солени работи.


Лебот на овие простори е основен нутритив а изборот е голем, па според нашите приходи тоа можеме и да го купиме.
Кога се во прашање ручекот и вечерата, на нашата трпеза треба секогаш да имаме нешто зготвено. Македонската, нашата кујна е и богата и разновидна.
– Готвената храна е секогаш поефтина отколку купената а македонското традиционално мени изобилува со околу 27 специјалитети. Тука спаѓаат- грав, леќа, грашок, боранија, турлитава… Ако го приготвуваме секојднево, ќе заштедиме и ќе имаме разновидна исхрана. Кога говориме за месото и месните продукти, би напоменала дека сме научени секојдневно да има месо на нашата трпеза, со што не се сложувам. Имено, внесот на месото и месните продукти треба да биде ограничено на 2 до 3 пати неделно. Така ќе бидеме поздрави, а и ќе направиме заштеда. И препорачувам вашиот избор да биде риба, која е најздрава а изборот е голем. Потоа, задолжително да ги исклучиме додатоците од различните грицкалици како што се чипсови, смоки, разни колачи… Грицкајте овошје, пијте чај и, ќе бидете поздрави.
Тања вели дека поблиску до заштедата ама и до здравјето е кога фаст- фуд ќе го замениме со нешто зготвено. Се што е приготвено дома е поздраво и поекономично. Домашното мени значи и квалитетна храна, здравјето доаѓа преку храната а тоа значи да се обидеме витамините и минералите да ги консумираме преку истата а не преку разни таблети.
Сепак, најголема заштеда ќе направиме доколку трајно се одрекнеме од цигарите-таа инвестиција не е за потценување, особено затоа што директно влијае врз здравјето.

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени