Што и да правите денес, виното го има клучот
И кога не го разбирав, го сакав афоризмот на Бранислав Нушиќ. Тој запиша- љубовта е еден вид на пијанство. Кога човек ќе испие прва и втора чаша, му се отвара „дизната“ и се јавува жед, па тогаш пие чаша по чаша, и не знае за доста.“
Многу години и многу вино подоцна, потпишувам со двете раце дека е така.
И без голема филозофија, сосема логично, љубовта а не работата, го создала човекот. Во заднина на се, во постоењето, растењето, созревањето и стареењето, секогаш стоела љубовта. Горда, исправена, па свиткана, одвреме- навреме анемична, небаре ќе се скрши, ама ќе дувнат ветришта, ќе се разотидат маглите и, повторно е голема. Љубовта е бело знаме сред сопствената гордост, сламка за која се фаќаме кога се друго ќе загуби смисол. Па и Библијата вели- ако љубов немам, ништо не сум…
Денес е денот на љубовта и на виното, вљубените пијат а пијаните сакаат. Пијани од се – и од љубов и од вино, зошто таму е вистината, а и нешто – зад неа.
Овие два празника, еден модерен- Свети Валентин, а другиот традиционален- СветиТрифун, секој на свој начин земаат замав во славењето последните неколку години . Свети Валентин „успеа“ поради глобализацијата на светот, а Свети Трифун е врзан за поднебјето, нашевината, виното, големиот дар од бога!
Виното е сончева светлина заробена во шише, најцивилизирана работа на светот. И, ако Бог имаше нешто против алкохолот, не би го направил виното толку добро. Нели?
Да избегаме денес од сопствената ароганција, не е се веќе видено, ајде да се потсетиме на мали а големи емоции. Денес да бидеме поети и боеми, слепи за грешките, трпеливи за здодевните реплики, да си нацртаме ѕвезди во очите, обидувајќи се ова кревко чувство да го ставиме во некоја мерлива константа. Денес е тажно да ја негираме љубовта и да не му се радуваме на виното. Опуштете се, има смисол, или уште поконкретно- вреди да се слави животот!
Вања Тодоровска
Фото-Pexels
Коментарите се затворени