Апел на пејачката Ивона Јовановиќ: Тинејџерите се напуштени и фрустрирани, велат ќе се убијат бидејќи се дебели
„Дебели девојки, не е до вас, до општеството е. Кога ќе ми напишете „дебела“, „гнасотијо“, „свињо“, дали добро се чувствувате? Ако ви е добро, тогаш ми е драго и аплауз за вашите ситни празни душички. Сакам да порачам. Бидете горди како изгледате, бидете горди на ликот и телото што го гледате во огледало. Не се срамете и не размислувајте како изгледате во очите на другите. Гордо го носам вишокот на моите нозе. Тажен живот ќе водите ако единствена цел ви се бројките на вагата. Затоа земете воздух длабоко, застанете пред огледало и кажете си: „Денес се сакам себе си“, „Денес сум најубава“. Убавината не се дефинира според бројот на облека.“
Ова на својот Фејсбук профил го напиша младата пејачка, со прекрасен глас Ивона Јовановиќ (22) од Куманово, која наскоро на „Макфест“ ќе ја има својата прва авторска песна а на јавноста и е позната по многу нејзини учества во музички шоу натпревари дома и на Балканот. Во нормално општество оваа нејзина порака би предизвикала лавина реакции, со нејзинава изјава би требало да се занимаваат психолози, психијатри, социолози.., но познавајќи го функционирањето на нашите институции, се сфаќа зошто оваа девојка се обидува да се одбрани сама и притоа да им помогне на младите тинејџерки кои ја делат нејзината судбина.
-Јас пораснав, созреав и се научив да живеам со вакви гнасотии, но ми е жал. Многу ми е жал за девојчиња од 13-15 години, кои се уште се мали и не можат сами да се одбранат од фрустрирани тинејџери. Девојчиња на оваа возраст, кои според некого имаат вишок килограми, секојдневно ми пишуваат дека ќе се убијат. А тоа е страшно и за нив и за нивните родители и за општеството. Мене веќе не може да ме допре, помина времето кога ме допираше. Ама ова го напишав со желба да им помогнам на децата. Тинејџери се, уште се оформуваат и немаат самодоверба. Знам како ми било на нивна возраст ама јас почнав по талент шоу да учествувам и брзо созреав. Кога растев немаше до толку социјални мрежи за да некој седне на тастатура и си ги исплука фрустрациите. Ми беше тешко кога некој на улица ќе ме погледне и знам што мисли. И што е најважно, имав кој дома да ми каже да не се секирам. Но, на овие деца им треба помош, треба родителите да разговараат со нив. Да разговарале, децата мене не би ми пишувале, родителите би им кажале, би им укажале, би им дале поддршка ама тоа не го прават и нема кој да работи со нив. Ако посетиш психолог веднаш ќе ти измислат приказна дека си болен, дека нешто не е во ред со тебе, вели изнервирано Ивона.
Таа вели дека предрасудите од типот- види ја дебела, треба да престанат бидејќи во светот дебелите и тоа како се почитувани и добро заработуваат. Дека и дебелите знаат да пеат и да продаваат.
-Јас сум се обидувала да држам диета и држам и вежбам, но проблемот е нешто друго. Сите што се дебели не се дебели само од храна. Никој не помислил дека во позадина можеби стои нешто друго, можеби имаат здравствен проблем, можеби имаат проблем со хормони или што и да е. Иако не значи дека дебелите девојки се болни. Секое тело различно функционира. А на крајот на краиштата кој вели дека е вишок на килограми? Можеби послабите имаат помалку. Кој ги согледува нормите, додава Ивона.
Во светот на шоу бизнисот, според Ивона, за жал дебелината претставува проблем. Но, таа е цврсто убедена и се надевам дека во музиката ќе влезе таква каква што е, со вишок.
-Кај нас само Есма беше дебела и успешна. И Адел е дебела ама живее во многу друга средина. Мене луѓето во „Идол “, кога имав 14 години ме запознаа таква. На социјалните мрежи од 10.000 луге, 7.000 ме прифатија таква каква што сум, но 3.000 ме плукаат. Оние што ме плукаат се млади луѓе на возраст од 10 до 17 години. Таман е време кога некој треба да работи со нив за да се оформат како здрави личности. Ако сега не се поработи на младите, нема кога. Или кој ќе поработи. Родители немаат време за децата, живеат брзо. Децата се оставени сами на себе. И моите живеат брзо ама јас имам поддршка од нив и сега сум дома и го учам брат ми, работам со него за да порасне во добра личност. Се надевам дека во мојава мисија не сум сама, дека ќе бидам поддржана. Дека општеството ќе се сврти кон младите, бидејќи алармантно е колку е потребно да се работи со нив за да израснат во здрави личности, без предрасуди и без фрустрации. Апелирам да не се запоставуваат младите, вели Ивона. (Весна Миленковска)