Животен блуз: Нахранете си ја душата
Како што редовно го поливате цвеќето, така морате да ја храните и душата – минимум еднаш неделно. Ако се „препуштате“ на креветот и на мобилниот, депресијата е загарантирана. Ви даваме неколку можности како да си олесните кога мислите дека целиот свет е против вас.
Се` одеднаш
Животот е прекомликуван! Сите нешто очекуваат и бараат, љубовта ви значи промашување, а со парите и работата – ништо подобро! Од каде да почнете да го решавате тој куп дилеми, кои се нарекуваат вашиот живот?
Решение
1. Одете во книжарница, купете ја најубавата тетратка и свечено прогласете ја за свој дневник. Секоја вечер разбистрете си ги мислите и чувствата, запишувајќи ги. Тоа е проверено делотворен метод, кој минува и во толку острата конкуренција како што се бескрајните телефонски разговори со пријателката.
2. Не драматизирајте. Не е баш секој проблем катастрофа, ниту, пак, канцелариското озборување – веродостоен заклучок.
3. Кога следниот пат ќе минете покрај огледалото, обидете се освен недостатоците, да забележите и некој свој квалитет – и покрај тоа што сметате дека сте дебели, дека имате преголем нос и ретка коса. Кога ќе ја совладате таа вештина, применете ја во проценката на својот карактер. Кажете си себеси она што очекувате да ви го каже вашата најдобра пријателка – за конечно да се спријателите со себе, со своите предности и, што е најважно, со недостатоците.
Заспана убавица
Дури ни по третото кафе не успевате да си дојдете при себе. Постојано ви е на ум мислата како да се вратите во својот убав, топол, мек кревет! Зошто овој свет е наместен според ранобудниците?
Решенија
1. Иако станува збор за една од најголемите неправди, помирете се со она што е неминовно и обидете се да ги пронајдете добрите страни: сигурност во работата, интересни колеги, коректни шефови. Ако и покрај сите позитивни страни на т.н.- уреден живот не можете да го поднесете тоа, размислете за некоја слободна професија, во која самите ќе решавате кога ќе работите, а кога ќе спиете.
2. Ако немате предиспозиции за фриленсер, обидете се да се приспособите: во работните денови легнете си пред полноќ, а во текот на викендот слободно заглавите. Важно е да се избегнат последиците од хроничниот недостаток на сон. Тие можат да бидат многу непријатни. На тоа мудро одвратете со одмерена доза самоконтрола.
„Дежа ви“
Не ви се излегува – вие сте дома и не ви е до ништо. Кој да седи повторно со истите луѓе? Однапред знаете што ќе се случува, за какви теми ќе се зборува, кој ќе биде главна трач-цел… Размислувате за одење во кино, но се откажувате: во моментот ве фати мрза. Влегувате во пижами, ги навлекувате папучите, го вклучувате телевизорот и тапо зјапате во екранот, размислувајќи како животот е здодевен.
Решение
1. Не затворајте се во домашниот дворец. Изберете го она што ве интересира и тргнете: градот е полн со изложби, филмови, книги, претстави, концерти… Како што редовно го поливате цвеќето дома, така морате да ја храните и душата – минимум еднаш неделно. Ако се препуштите сосема на креветот, мобилниот и телевизорот, депресијата е загарантирана.
2. Кога последен пат сте биле во Охрид, Маврово, Преспа, или Дојран? Секое годишно време заслужува едно викенд-проветрување, па макар да отпатувате само десет километри подалеку од градот. Важно е да го смените воздухот и да ја допрете природата.
3. Прелистајте го адресарот и повикајте ги старите пријатели. Иако животот обично ги носи сите на своја страна, секогаш се наоѓа време за кафе со другарката од гимназија – под услов, ниту една од вас да не ја очекува некогашната фреквентност на дружењето. Да, животот си го носи своето – и во тоа е неговата убавина. Барем не е секогаш се` исто…
Птица во кафез
Колку ја мразите својата работа! Секое утро иста приказна – во канцеларијата влегувате затапени, безволни, со болежлив израз на птица заробена во кафез. Што да се прави?
Решение
1. Знаете ли што конкретно сакате да работите? Испитајте ги сите можности: кога, како и каде можете најдобро да се занимавате со тоа. Премерете што добивате, а што губите со евентуална промена во кариерата – и вратете ја насмевката на лицето.
2. Ако моментално не можете да си дозволите промена, искористете ги предностите на омразената работа. И таа работа ги има! Создавајте корисни познанства, искористете ја фирмата да ви плати курс за странски јазик… Прифатете го ова време како време за учење и вложување во себе. Притоа, не заборавајте да ја чекате можноста да одлетате од кафезот штом ќе се подотвори вратата, за да поминете без гребаници.
Фото-Pexels
Коментарите се затворени