Атракција. Во Скребатно се прогласија најдобрите ѓомлезиња

Традиционалната манифестација „Охридска софра 2019“ ги прогласи најдобрите мајстори за приготвување ѓомлезе, па така живописното селото Скребатно во близина на Охрид, викенов беше најатрактивна дестинација во регионот.
Скребатно, сместено во пазувите на Петрино, веднаш ти се лепи за око а потоа и за душа – непрегледно зеленило, спокој, природата распостлана „на максимум“, небаре раскошот го носи името на ова село…


И токму тука се случуваше највкусниот настан- Ѓомлезијада, кој својата атрактивност ја темели на автентичност. Едноставно по вкус (брашно, вода, сол и масло), ама приготвувано под сач, навистина е деликатес, кој верувале или не- се продаде за помалку од еден час.
Но да се вратиме на наградените, мајстори на ѓомлезето.


Тричленото жири, годинава составено од претставници на Националната асоцијација на готвачи – ГастроМак, имаше тешка но инспиративна задача, и по куса обиколка на ѓомлезарите, за највкусно на „Охридска софра“ го прогласи она што го направи Кристина Богданоска. Второто место и’ припадна на Лиле Кароска, а третото – на Добринка Џуклеска.


Стотици вљубеници во оваа манифестација од земјава, но и од странство, имаа можност да ги вкусат мајсториите на ѓомлезарите, коишто уште од рано изутрина во саботата ги запалија ѓомлезарските огништата за традиционалниот специјалитет, гастрономски бренд, најомилен во народот.
За добро ѓомлезе, велат поетите, треба да смешате желба, добра волја и рано утро. Да сте внимателни, трпеливи и кротки во правењето затоа што раѓањето на ѓомлезе е најубавата работа на светот што секогаш има реприза.


За подготвување на ѓомлезе е потребен сач, пирустија, маша и ќумбе.
Претходно се мешаат брашно, вода и сол а за попрскување едните користат масло, другите сало, третите маргарин а најдобро ѓомлезе е кога смесата, кашата се пече веднаш и кога сачот е вжештен.
Потоа, се пече слој по слој и така неколку часа. Непишаното правило е дека вистинската домаќинка се препознава по тоа како го прави ѓомлезето, и, уште поважно- најдрагите гости се дочекуваат токму со овој специјалитет.


Инаку, „Охридска софра“, како вистинска гурманско-туристичка атракција, претставува извонредна можност за промоција на алтернативниот туризам во охридскиот регион, како и потсетување на она што значи традиционална софра.
„Убавините на природата, на умешен начин поврзани со вусот на традиционалните рецепти, се уникатен туристички производ кој од година в година станува сè попривлечен, како за домашните, така и за странските посетители и гости. Креирајќи ја туристичката стратегија со вакви случувања, битно придонесуваме во развојот на руралниот, како битен дел од алтернативниот туризам”, изјави Градоначалникот на Општина Охрид, Константин Героргиески.


Потоа, во текот на неколкучасовната програма, младите готвачи од ГастроМак имаа специјално „Cooking Show“, а активностите на „Охридска софра 2019“ беа снимани како дел од готвачкото шоу – „Вкусот на традицијата“ со Адријана Алачки.


Кај нас, убавите работи се поврзани со песна, така „Охридска софра“ ја имаше привилегијата да заврши со доајените на традиционалната фолк песна – дуетот Селимова – Желчески и Ансамблот „Билјана”.

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени