Ај фил фуд. Готвачи, херои на секое време

Денес (20 октомври) е Интернационалниот ден на шефови, а бидејќи последните неколку години сериозно нурнав во нивниот шарен, вкусен и раскошен гастрономски свет, им честитатам од срце. Браво за вас!
Шефовите, готвачите, се херои на ова но и на секое време: кога готват како да влегуваат во друга димензија поврзана со бесмртноста на љубовта кон храната, професијата, потребата да усреќат. Постојано осмислуваат и трагаат по „она нешто“, тие се иноватори на храна што ја лекува душата, често под огромен стрес, што го држат под контрола, готват преку личниот белег, со контекст и порака а притоа јадењата им се превкусни.
Кај најдобрите препознавам и доминација и препуштање.

И стојам цврсто на ставот, како светилник сред најтемната ноќ, дека шеф не може да биде секој. Знаете зошто? Затоа што треба да има срце големо како планина и пред се – да е добар човек.
Готвењето, гастро-уживањето и хедонијата се работи што не ги разбираат сите, затоа што едните се хранат попатно, набрзина, не гледајќи ниту што, ниту со кого јадат, другите – колку да „помине редот“. Ретки се вистинските гурмани кои уживаат во секоја „слика“ на чинија, во секое залче и голтка.
Tокму затоа им давам комплименти: шефовите се волшебници- готват, се даваат себеси, макар и едно ронче оди за секое јадење, замислете си, колку „рончиња“ се тоа, задолжително се случува понекој авторски концепт и повторно- чиста, безусловна љубов.


Денес постојат готвачи, вистински академици со престилка, оние што се родени да комбинираат, посолуваат и промешуваат.


Ги запознавав на разноразни натпревари, и од едната и од другата страна, и кога почнуваат и кога ги собираат плодовите од својата професија: вистинска готвачка солидирност и алхемија која останува на ниво на мистика.

„Дознав дека луѓето што готват се генерално многу поздрави од оние другите. Здравјето страда кога немаме хармоничен однос со храната, избалансиран избор на продукти, разновидност и секако, една тајна состојка. Затоа сме во константен стрес, нервозни, невротични, анксиозни, депресивни, брзаме и не стигнуваме да готвиме. Всушност, немаме време ни да се занимаваме со себе, ниту да им се посветиме на другите…, вели Џејми Оливер, и да, мудро глаголи,
Еве и јас: кога гледам програми што третираат храна, готвачки шоуа и сл, тоа ми е нешто како таблета за смирување – сечкаат, динстаат, редат…, самиот процес смирува, успокојува… Затоа ги сакам овие естети со префинет вкус за храна.

Не заборавајте дека во секоја чинија има многу љубов. Уште повеќе предаденост и желба истото да ви се допадне. И затоа, не премолчувајте. Кога ќе каснете нешто што ве разгалува, бидете љубезни, пофалете го готвачот, ќе направите многу.
Еден збор- еден алтан.
Да живеат готвачите!

Валентина Вања Тодоровска

Фото: Pexels, Pixabay

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!