Ај фил фуд. Денес е тој ден, мојот омилен #посенпеток

Секој петок мојата мантра е како гореспоменатата, во насловот: „денес е тој ден, мојот омилен #посенпеток“. И навистина е така-постам со предизвик, веќе знам што ќе готвам, подготвена сум и тргнувам во оваа гастрономска авантура. Приказната почна по иницијатива на Слоу фуд, тие секогаш поинаку, домаќински и со уживање ја величаат храната, и еве ме „бркам работа“ со месеци. Освен што менито ми е конкретно и шарено, значи: го слави животот во сите нијанси, негувам и убави мисли и деланија цеееееела недела.


Денес на менито е стар добар, најдобар сендвич. Асоцијација за него ми е дождливиот ден а веќе ми се редат сеќавањата на сендвичите на баба ми: кога ќе ми пресечеше парче леб, тоа беше нешто како карабина за Ајфелова кула. И, бидејќи отсекогаш јадам луто, на него редеше толчени лути пиерки со патлиџан, сирење, па пак пиперки… Сите деца трчаат со намачкани лепчиња, најчесто со маргарин и џем, јас чекорам внимателно, внимавајќи на архитектурата на сендвичот. Ах убаво безгрижно време…
Мојот сендвич денес е малку покомплексен, зошто ќе ми биде и појадок и ручек. Значи- запечени тиквици, наросени со босилек, печурки, поточно шампињони, патлиџан и пиперка. Некаде зелено, некаде црвено, па „шампињонска“ боја и ржан леб. Вкусно, сочно, таман за враќањето на спомените.

 

Во текстот што следува, сакам да ве потсетам што сум готвела досега, на сите досегашни петоци, затоа што се поврзани со емоции, тоа е мојот интерен космос со крилја, што понатаму си ги шири по социјалните мрежи.

Одиме по ред, со рестован компир од минатата недела.

„Денес е тој ден, мојот омилен #посенпеток.Патем, денот е, најблаго кажано – чуден, и за да го разубавам, си направив нешто по својот ќеф. Сакав и да е вкусно и да е лично. Сварив цвекло, го издлабив и направив гнезденце, што го наполнив со компир, на мој начин. Рестован ќе да е.
Првин компирот го варев, па го пропржив со буковец и на крај го наросив со рузмарин. Мераци. Друштвото е какво ако не одбрано- варен морков и нај, нај најубавите црвени меснати пиперки.
Лебот е купечки, од хељда, и е вишок на чинијата, ама го обожавам во секој дел од денот, особено во најубавиот, #посенпеток.

 

Денес е тој ден, мојот омилен #посенпеток. Без многу думање со насочив на лукот и пиперките: зелените се лути, црвените- благи, ама кротки по табиет, кај и да е, и тие ќе залутат.

Многу лук, оцет, магдонос…, ги редам како да се на плажа, и додека ги чекам да се соединат и навикнат едни на други, замесувам лепчиња….И чекам да почнат мераците.

 

Денес е тој ден, мојот омилен #посен петок. Почна есен, што преведено на јазикот на гурманите значи зимница- ајвар, пинџур, љутица, разноразни сласни и примамливи тегли и теглички. Време е за грозје, ореви, бадеми… А ѕвездата на овој пост се црвените пиперки, омилените ајварки кои сега ги живеат своите пет минути слава. Сочни, меснати, слатки, ах би ги јадела цела година. Најубави пиперки на целиот свет, најкротки и најцакани се и печени и свежи, ги обожавам.
Намачканото на леб е црвеното малиџано, правено со везени пиперки, пикантно лутоооо: секој ден го „пробувам“ и барам оправдување за празни тегли. Ах колку го сакам #посен петок.

 

Денес е тој ден, мојот омилен #посенпеток. Плус, лето е, што преведено на речникот на гурманите значи- раскош од бои и вкусови, од зеленчук- пиперки, домати, најслатки овошја…, убавина за сладокусците. Пржев пиперки цело утро и баш сум среќна.
Потоа, направив ориз- манџиче (спомнав ли досега дека сум вљубена во ориз?), салата, ги скоцкав, ги сликнав, и си велам: ако ова не е рај, не знам што е. Уживајте во денот!

Денес е мојот ден: #Посенпеток а инспирацијата ми се очите полни со бои, миризби и вкусови, преку модриот патлиџан, доматите, пиперките, лукот и магдоносот. Кога тие ќе се здружат- омекнуваат и најтврдите срца, се заборааваат тривијалности од типот на -да не претерам со леб“, и целиот космос е насочен на моментот- сега и тука. Софрата ми е шарена и мераклиска: македонска салата со домат и печени пиперки, малиџано со модар патлиџан, лук и ореви, и финалето со печен модар патлиџан.

 

Намаз од авокадо со лук и лимон

Пинџур, салата со компир и кромид и домашен леб

 

Денес е тој ден, мојот омилен #посенпеток. Сакав да направам „сe“: пазарите се пребогати, шарени, миризливи, ама се собрав во неколку фотографии.
Салата со компир и кромид најмногу на свет оди со риба, во случајот- ослиќ. Се што е од и во вода, сеедно каква- солена, езерска или речна, е мојот фаворит. И дека рибата најдобро плива во водата, во случајот-виното е вистината што сериозно ја почитувам. Потоа, малку црвено со салатата од домат и кромид, мнооогу кромид, и уживање на најјако.

 

Денес е мојот омилен #посенпеток, ама е и празник, за многу години денот! Малку се заиграв со своето мени, сакајќи да го доловам небото над пинурчето мое, така настанаа денешните фотографии.
Значи, денес наздравувам за и со моето најомилено јадење- лутиот пинџир, што го мацкам со ржен леб со семки од тиква. Адут плус ми се маслата: си купив масло од лен, и пинџурот го има тој шмек. Другото, маслиновото масло со тартуфи (леле убавина) го „наросив“ над резанки леб. Вкусно, пикантно, миризливо.

 

Денес е тој ден, мојот омилен #посенпеток. Подготвив ориз, го обожавам во сите форми и изданија, тој ја има почесната позиција во мојот „шпајз“ и ми е омилен гастрономски, што би рекле блогерките- асесоар. Оризот го комбинирам со се и сешто, толку е адаптибилен, пријателски настроен, што- оди со се!


Денеска го споив со афион, се поиграв со црно- бела комбинација, што ја освежив со црвени тркалца домат. Ова не е кочанска „лапа“, но ја има таа намена, „да се лапа“. Вториот дел од менито, „исчезна“ додека фотографирав: зрело авокадо толчено со лук и лимунов сок. Го намачкав на препечен леб, и толку прекрасно ми почна овој #посенпеток.

Валентина Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!