Од стандардно класични сендвичи – (земичка, путер, кашкавал, шунка и зелена салата) до крцкави пити, воздушести торти, егзотични салати, но и медитеранско „пакетче“: маслиново масо, пршута, диња и беванда.., не се ретки писателите кои инспирацијата ја нашле токму во храната.
Јадењето, како што тврдат гурманите, не е обична рутина. Далеку од тоа, храната е авантура, неверство, забрането овошје… Ех, да знаат да зборуваат пијаните тенџериња, замастените тавчиња и шарени чинии, кои лажици по дома – оро водат….
Софра од „Големиот Гетзби“
Храната е се` – и синтеза на земјата и нејзиниот род, дух, креација и практичност, сеедно дали се сместила на страниците каде што се опишуваат мафијашко- сицилијански појадоци или пак се заглавила во свинските рапсодиии и романтични пикници на штотуку раззеленета трева.
„Верувам дека чувството на среќа е најважно во животот. Едноставно, како филџан топло чоколадо или затскриено како одаите на нечија душа – горка, слатка, примамлива“, вели Џоан Харис во книгата „Чоколадо“, додека на истата, слатка тема од детска американско-англиска класика – „Чарли и фабриката на чоколадо“, Роалд Далза ги запишува сништата на едно момче врзани за популарната фабрика.
Секој со своја инспирација, сеедно дали е течна или тврда. Така, на пример, спомнувањето на коктелот „мохито“, Ернест Хемингвеј го има во поголемиот дел од своето творештво. Вистинско летно освежување во мешавина од лимета, бел рум , нане, мраз и кисела вода. И јас, особено во жешките летни ноќи, потпишав целосна капитулација пред него.
Јан Флеминг во романот за Бонд, на својот јунак му креира вкус преку „мартини“, сеедно дали е со вотка или со џин, а Тенеси Вилијамс го популаризира коктелот „ Ramos Gin Fizz“ (јајца, слатка павлака, лимон, лимета, џин, шеќер, сода со вкус на портокал).
Луиза Меј Алкот во „Мали женички“ акцентот со храната го става во здравата варијанта – во осамувањето на една од сестрите на таван, која на мени има добра книга и уште повкусни јаболка.
Ејми Тен во „Клубот на радоста и среќата“- преку традиционална гозба во Кина, ги опишува најчувствителните, најделикатните односи на мајки и ќерки, и тоа од двете страни од светот – Америка и Кина.
Судејќи по делото, пазарите за Емил Зола не беа само места каде што се продава и купува туку вистински изложби на жива и мртва природа, нешто како театар на монолози и дијалози, кажани од минувачите и продавачите, па затоа дејствијата во „Стомакот на Париз“ го сместува токму на прочуениот пазар „Лес Халес“.
„Алиса во земјата на чудата“
Мислам дека писателите, со својата слоевитост и разбрануваност знаат за храната повеќе од готвачите. На пример дека јадењата природно се сервираат со убава насмевка, фантазија и понекој пикантен збор.
Што мислите, која била директна инспирација Пруст да го напише „Во потрага по изгубеното време“? Превкусните колачи на Мадлена. Потоа, залчиња со лосос од „Големиот Гетзби“ на Фицџералд, лелеави чаршафи и шарени порцелани од „Алиса во земјата на чудата“ на Луис Керол, „Под стаклено ѕвоно“ на Силвија Плат каде се јаде салата со авокадо и се пие бело вино, па триаголни сендвичи од „Ловец во жито“ на Џером Селинџер, чорба и ’ржан леб од „Моби Дик“ на Херман Мелвил, белото кафе во „Во потрага по загубеното време“ на Пруст.
„Ловец во жито“
Кажи ми што јадеш и што пиеш, особено кога, и во чие друштво, и ќе ти направам „психолошка“ карта. Или романтично – ќе ти откријам што сонуваш.
Во контекстот на храната од книгите, кај нас постои „Фестивал на јадење книги“ што веќе осум години го организираат „Букбокс“ и сендвичарницата „Пепер“. Што се невидов на таа трпеза- купишта шампити како опис на „Возот во снег“, „Пеколот“ инспириран со девет слоеви на најслатки кремови , „Прекрасен неред“ пресликан во турли- тава, раздвижениот „Ориент експрес“ со баклави во форма на воз.. И јас оставив белег таму, додуша неславен, ама сеуште го подржувам социјалистичкото- важно е да се учествува… Еднаш направив мачка, која требаше да илустрира „Кој го здипли моето сирење“, ама несреќното маче на крај излезе како прегазен глушец. Потоа се решив за „Скротената горопад“ и испеков кокошка на која копаните толку и се расчеречија што ми беше непријатно да ја гледам. На крај купив феферонки, што ми беше подлога за „Освета на младите вештерки“ и бев во право. Останаа негибнати, во сиот свој осветнички порив.
(Валентина Вања Тодоровска)
Фото- off.net, parade, pexels,amy sue nathans
„Скротена горопад“