Ај фил фуд. Летна гастрономија и почесна позиција
Можете ли да претпоставите која е разликата помеѓу цивилизациите кои пијат виски а не мезат, и оваа нашата, која додека пие – мора да „боцка“. Што е во чинијата и, не е важно, зошто на ова поднебје бујаат рајски плодови- пиперки, домати, краставици.., скоцкани во најубави пакувања- пиперчиња со лук ама и полнети со урда, пинџур, летна манџа, домати украсени со кромид, а предизвик е вилушката да заглави и во парче полномасно сирење.
„Блискоста“ на народите, на погореспомнатата тема ја наоѓам на половина пат, таму каде што би се сретнале еспресото и турското кафе.
Секако, почнувам со кафе, затоа што дојдоа горештините, летото ги наостри забите, па пече ли пече. Тоа е лошата а добрата вест е што во овие месеци се подиспразнува градот, станува полесен, попријатен и некако поинтимен.
Значи, лепливите утра е добро да се расонат со кафе, а пладнето да се освежи со сладолед. Овој ладен гастро – убавец е незаобиколен декор, го има на секој чекор- во слаткарници, ладилници.., а составот му е разновиден- од крајно комерцијализирани, брендирани, па до оние на стапче, сладоледи од детството што во сладок млаз, како торта, преку апарат се слеваат во корнет.
Потоа, како по правило и добра стара навика, штом живата ќе се искачи до плус 40, на дневното мени почесната позиција ја имаат рибите.
Рибите во сите форми, па и кога се јадат, се поврзуваат за носталгија, затоа што будат копнеж по „добро- старо- тиркизно“ море а не е за потценување ниту нивното магично дејство врз срцето.
И без феминистичка определба, ова е важно за нас (жените де) а тие што се во минус фазата, за да го одбегнат терминот „скршено срце“, под итно треба да ги сменат навиките на софрата…
Инаку, во светот постои многу повеќе работа од бенефитите на женското срце, отколку што се произлезени од машкиот ум…
Туку, да се вратам на плодовите на водата… Кога една свежа, на скара испрепелкана риба, ќе се сервира на чинија, на која веќе дреме компир. Секоја средноевропска домаќинка знае дека еден компир сместен во срцето на рецептот, спречува евентуални проблеми со варењето. И, кога по малку чепната риба,ќе се голтне од виното што по чашата веќе фатило роса, препорачливо е да се заборави на реалноста.
Летна гастрономска декаденција.
Пивопиите кои разладувањето го наоѓаат во овој вид на течна храна, ќе ги израдувам со признание на Хајди Клум, која потекнува од татковината на добрите пива, и е од тој сој.Не може без пиво! Додуша, кај неа ни „траг ни глас“ од деталите што би и го откриле порокот, (пивското стомаче на пример), па се нешто мислам дека Германците ја користат природната им убавина како рекламен трик што во заднина има патриотска, пивска жичка.
А мојата патриотска жичка, и во лето, најсилно пулсира на спомнувањето на комитски ручек, затоа што подразбира сериозен ангажман во кујна. Сеедно што е жешко, комитски грав сварен во грне, со многу нане, иста таква плескавица, (значи со герилски, изненадувачки состав) и комитско (домашно) лепче се веќе сместени во темата „чудесна Македонија“.
Некои луѓе ги сакаат летните ручеци поради леснотијата, некои поради можноста на делењето со пријателите. Јас ги љубам поради тоа што задолжително стануваат- пријатна вечера.
Во тоа име, летото нека потрае.
Валентина Вања Тодоровска
Коментарите се затворени