Ај фил фуд. Мирудија како возбуда

Јадење без мирудии е нешто како живот без возбуда, куќа без цвеќе, небо без птици, Евровизија без Тамара. Навистина. Додека во еуфорија, некако сплотено се радуваме на среќата што ни ја подари Тамара, пласирајќи се во финалето на 64. Евросонг, потврдувам, ништо без „зачинче“.
Кога ќе сроните, наросите нешто миризливо и ароматично меѓу прстите, тоа е како јадењето да добива карактер, онаа последна нишка што ја паметат непцата. Мирудиите некогаш беа привилегија на поимотните, денес- на сите. Забиберуваат и засолуваат и богатите и сиромасите, оние со и оние без его и суета. Ама, мудрите во кујната знаат дека со таа арома и без билет може да се патува, зачините се илјада очи кои шетаат по најзелените или најсините предели на светот. По избор, затоа што- планините се за доблестите, а морето за грев…
На времето, кога беше популарно оригано, кога го осознававме и се` повеќе станувавме зависни од неговиот вкус, се` мирисаше по оваа опојна тревка.
Освен на пици и пасти, некои си ги освежуваа домашните ќофтиња токму на овој начин, па дојде до класично презаситување. Денес си е таму каде што му е местото – во споменатата база…


Дафиновиот лист е резервиран за зелка, а гледајќи ја креативноста на хрватската готвачка Ана Угарковиќ, тврдам, дека таа зелка, може да се скроти со мајчина душичка. Адут плус е што мириса на сите мајки.
За мирудиите, како и за се останато се прават разноразни поделби и класификации. Дури и астролошки. На пример, што може да им кореспондира на огнените Овни, Лавови и Стрелци?
Што им е Ахилова пета и кога овие знаци предат како мачиња? Се разбира, откако „ќе се заблажат“ со феферонки и лути пиперчиња, коишто во финишот „еволуираат“ во прав – алева и буковска пипер. Читачите на ѕвезди велат дека лутината на мелените пиперки им ја ублажува енергијата, па дури и им ја разбудува креативноста. Ха, си мислам, веројатно во креативниот чин на создавање на „Proud“- Роберт Билбилов, Лазар Цветковски, Дарко Димитров, Коста Петров, Сања Поповска, сто посто некој од нив имал „контакт“ со нешто луто. Ќе потпрашам, ќе напишам.


Одиме понатаму. Морското оревче им е неопходно на оние што се прават преку, во и за водата – на Рибата, Ракот, (им ја враќа енергијата исто како и вистински восхит), ја омекнува Скорпијата, а вкусот на Далечниот Исток како да ги обвива во најубавите лелеави материјали .
Морско оревче? Може – над месото, колчите, ама и над душата, па да се направи совршен баланс, исто како што мајоранот, поради ливчињата им ја разбудува нежноста на Близнаците, Терезиите и Водолиите.
За крај, ама астролошки, ќе го споменам и каранфилчето, затоа што е поврзано со крутите земјени знаци. Тоа значи дека е афродизијак и дека го завиорува еросот на Бикот и Девицата, ама и скриениот цунами во Јарецот.
Анис, црн бибер, босилек, чили, ѓумбир, нане, оригано, шафран, тимијан, жалфија, цимет, рузмарин, куркума, капар… Со мирудиите ќе се изненадите и себеси, а доколку не` претерате – и оние што се со вас на софрата.


Некои велат дека токму тие мирисливи растенија ја потикнуваат индивидуалноста, ноќите ги претвораат во утрата, зајакнуваат, закрепнуваат и разведруваат. Патем, поголемиот дел на мирудиите за својата татковина ја имаат Европа, ама ги има и од Ориентот, Кина, Индија…
Инаку, мојот број еден е босилек. Тешко да замислам шпагети, макарони или фурнарини без неговата арома. Во италијанската кујна е ненадминат во комбинација со доматот и моцарелата, ама не е за потценување и во зеленчук и сосови.
Емил Зола, зачетникот на натурализмот, бил опседнат со препознавањето на животинското во човекот. И кај себе и кај пријателите, познајниците. Се правел важен поради тоа што имал изразено сетило за мирис, на кое би му „позавиделе“ и најрасните кучиња. Се фалел на цел глас како можел, едно по едно да ги демистифицира сите продукти, односно миризбите од кујната. Сеедно дали е тоа кокошка, пиле, риба, домат или нешто месено. Ама, еднаш толку многу се изнамачил, па носен од љубопиство морал да отиде до кујна, да види, што е тоа толку миризливо, слатко, опивно. Готвачката правела сос со јајца и ракчиња, но првпат збогатен со свежи ливчиња босилек, па затоа го нарекол сосот на Емил.
Ова име останало „запечатено“ како едноставен и вкусен специјалитет што во меѓувреме доби на популарност меѓу неговите пријатели.
Кимот е добар за тестата, во еврејската и скандинавската кујна, куркумата е се` покорисна за слабеење, исто како и циметот.
Имам еден предлог – интернетот и телефоните денес да ги замените со шпоретот, готвењето. Можеби приказната не е „ин“ ама е практична. Денот е се подолг, попладнето разведрете го со некоја мирудија: рузмарин, куркума, ѓумбир, црн бибер, шарена сол, не е важно.


Сварете пилав, варен на пареа од маст. Наместо месо зачинете со сол и портокалов шафран, како што прават во Африка и на Блискиот Исток. Почувствувајте го вкусот.
Природата знае да е најголема и во најмалите работи.

Валентина Вања Тодоровска

Фото- Pixabay, Pexels

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени