Ај фил фуд. Највкусниот дел од годината
Новата година е време кога се бришат грешките и невниманието што не прати во баксузниот дел од пакетот „365 дена“, и што добива рамка во сказната каде ние, духовно освестените – самите си „ги креираме настаните. Хо, хо хо…
Чудо едно! Пред и за време на празниците, се сè простува, се сè јаде, пие, небаре нема утре. Да, баш чудо – омекнуваат и намќорите а фанатични „бројачи на калории“ се опуштаат пред софрата и деликатесите – благи, солени, кисели, мешани, лути, пикантни гурманлуци, што среќата ја прават двонасочна.
Хо, хо хо. Опуштете се, мислете на себе, најпосле ставете се на прво место, бомбардираат од медиумите, што и не е лошо како за на крај на годината.
Селфи? Се разбира, за Новогодишната, блескава, трепетлива, напорна, наместена, нежна, доооолга, ветувачка луда ноќ, најмногу се дружиме со телефонот. Па среќата нели се удвојува кога се дели? И што ви вреди што сте стокмени и нагиздени, кога тоа нема да го види популацијата на Фејс- бук и Инстаграм?
И уште нешто.
Кога си млад, повеќе си на „течна храна“, а кога ќе дојдеш во извесни години, важно ти е и убаво да си к снеш, мезнеш и лапнеш…
Дали сме само ние оптеретени со храната и обичаите – не знам, но и луѓето надвор од границите се однесуваат крајно декадентно кога е во прашање празничната вечера. И, кога го смислуваме новогодишното мени се потпираме исклучиво на својот вкус, иако во ерата на електронското информирање фаќаме и понекоја финта. На пример- бојата и миризбата на храната, декорацијата наликува на она што го прават Мишелин фраери- држејќи се до максимата- помалку е повеќе….
Ама богатството од чинии и чинивчиња на специјално натокмена маса со дел од варијации на тема- покрупна или поситно сечкана руска салата, па цезар салата и супа од тиква, кифлички и фурнарини…, се што ни причинува радост во овие слатки, стрвни деновите на празнувањето.
Инаку, се почнува и завршува со нејзиното височество- сарма од зелка, „оплеменета“ со ребра што се распаѓаат поради маратонското крчкање. Кога сме кај маратонците, јас сум „од тој сој“- ја крчкам сармата цела ноќ, ја набљудувам заштитнички, како да е невеста и утредента на сите им раскажувам за тој потфат. Ха, кој неќе да го фалат?!
Туку, да се навратам на највкусната „витканица“.
Сармата се смета за интернационално јадење што има турски корени (сарма значи- да се свитка), и за неа велат, колку повеќе се подгрева, толку е повкусна. Сепак, постои една интересна работа – подгреана сарма се користи како асоцијација за разбудени стари љубови, кои успеваат и – од седми пат.
Потоа е на ред печено месо, (мисиркино, свинско а неретко и јагнешко бутче), па пита (да почнам, или да не се фалам?!), домашна руска салата- што не е без биографија…
Еве што изгуглав: по паѓањето на Наполен, на рускиот царски двор работеле неколку фантастични француски готвачи. Најмногу се прославил готвачот на Наполеон, Анри Оливие, кој на идните генерации им остави неколку оригинални рецепти. Еден ден на царската трпеза сервирал салата од неколку вида зеленчук и месо, и ја споил со мајонез. Салатата ги воодушевила сите присутни, па во неговата чест била наречена „салатата на Оливие“. Познатиот мајстор не беше ниту скржав ниту суетен и многу дарежливо рецептот го дарувал на сите љубопитни гости. Специјалитетот тргнал да живее и тоа по сите светски ресторани, ама со ново име – руска салата.
Инаку, Нова година без руска салата за мене е како село без кучиња, жена без гради и маж без его. Ме разбирате?
Потоа, можат да се кренат чашите и да се наздрави. Со ракија, вино, шампањ, па- да се паузира со разни месени грицки, можеби- баклава, но задолжителна е чоколадна торта и кафе….
Потоа тркалото се врти, и се се повторува и враќа, како во животот така и на оваа маса во највкусниот дел од годината. Во рани зори, најпопуларна и најтрошена е расолница. Ја имате, нели?
И, да привршувам.
Секој си има сопствена скала на празнични, новогодишни деликатеси, создадени според искуството, навиките или пак сеќавањата на храната од детството, младоста, и другите животни циклуси.
Додуша, освен по јадењата, Скопје со задоволство ги троши празничните ноќи со пиења и пеења во чекање и исчекување на највеселата ноќ.
Непоправливи оптимисти и просечни Македонци, поради актуелниот финансиски момент не дозволуваат премногу опуштања и во тој контекст, дури и ветувачката фраза „еднаш се живее“ наликува на бајата вест.
Наздравје!
Текст и фото- Валентина Вања Тодоровска
Коментарите се затворени