Ај фил фуд. Недела на Шведската кујна: Мали скандинавски пикантерии за големи балкански гурмани

Ако не можеш да отпатуваш до Шведска, можеш да вкусиш од шведските јадења а запознавајќи ја гастрономијата, да ги насетиш традицијата, навиките и луѓето. Храната кажува се`, особено ако сте поборник на девизата – ти си она што го јадеш, па и ако сте мераклии на мирудии, среќници со истенчено сетило за мирис и вкус, како врвни дегустатори, можете да ги осознаете сите мирудии во јадењата. По ова „шведско искуство“, верувам дека станува збор за умерени и луѓе со префинет стил и вкус.


Токму таква можност, комбинација на храна и ментално патување до Скандинавија, промовираше Амбасадата на Шведска и Дистрикт бар и ресторан. Местото на случување: хотелот „Мериот“ а главната готвачка ѕвезда е шведскиот мастер-шеф, Магнус Албректсон.
Всушност, деновите на Шведска кујна се до 9 јуни се лоцирани во Дистрикт бар и ресторан, а мотото е „TrySwedish“.


Менито го составуваше, веќе го споменав, Магнус Албрекстон (50), за кој најдов интересни податоци. Изгледа младолико, има 25-годишно готвачко искуство и никогаш не бил мистичен во однос на своите рецепти. Веројатно има толку многу вештина и дарба, што знаењето не му се троши.


Патем, дел од менито се послужува и на доделувањето на Нобеловите награди во Стокхолм а и херојот на мојот текст, во 2008 година приготвувал свечена вечера за нобеловците, иако негова специјалност се морските специјалитети, веројатно култните шведски остриги.
„Шведската кујна ја одликуваат несекојдневни комбинации на храна и е базирана на достапноста на локални свежи продукти, кои често се од урбаните фарми во големите градови. Географската разновидност на Шведска е отсликана и во разновидноста на рецептите – од шумски дивеч до харинга, лосос, пастрмка и ракчиња, често во комбинација со бобинки, печурки, сенф и копар. Шведското традиционално готвење е базирано на техники за презервација на храна како пушење, закиселување и засолување, од време кога немало фрижидери да ја преземат таа улога. Всушност, суштината на шведското современо кулинарство е во неговата отвореност за разни комбинации и инспирации, трансформирајќи се себеси без да изгуби контакт со традицијата. Ова носи богатство на вкусови и број на специјалитети – секојдневни или за посебни прилики. Затоа шведската кујна е толку богата, разновидна и полна со изненадувања – нуди едноставни, а незаборавни вкусови“, вели мастер шефот Магнус Албректсон.


Менито што ние новинарите го вкусивме беше кусо, инспиративно и конкретно – многу мали чинивчиња полни со мистика: лосос во сос од сенф и копар, највкуска пита со печурки, компир сирење и „нешто“, љиљакова салата на која не успев да и го одгатнам вкусот, телешко слатко-кисело со копар и крем… За „заблажување“ уште една блага пита со јаболки, цимет и сладолед од ванила, со зачувани оригинални вкусови, миризби и бои, бело, лесно и на вкус – млечно и природно.
Крајот беше во знак на интересни коктели, во шаренило од бои, од кои јас го пикирав – од бозел.


Тука потпишав целосна капитулација- да, и малите скандинавски пикантерии одлично им прилегаат на големите балкански гурмани.
Валентина Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени