5.8 C
Skopje
вторник, февруари 18, 2025
spot_img

Ај фил фуд. Ода за вода(та)

Го сакам овој месец – март е мој, од глава до петици. Оф, најпосле се откачивме од сивилото, пролет ја подотвори вратата, ѕирка, ја осеќам, ми мириса на зелено… Не знам за вас: мене зимите ме вовлекуваат во некој чуден амбиент на кусо траење, како да не сум јас-јас, небото ми е тесно, а и што ќе видиш кога ќе го кренеш погледот угоре? Сакам, многу сакам, следната зима да бидам каде што е лето, да си ја нахранам душата со сонце. Тоа, признавам, го мечтаев целата зима, ама еве, си оди кутрата.
Спомнав дека во март се се случува?
Се навестува будење, цутење, променлив е, на моменти ќе замириса на пролет, ќе зацврцори некое летечко пердувесто животинче, за да веднаш потоа паднат облаците, небаре е јануари. Поради таа нестабилност, март ги има привилегиите да го нарекуваат- женски месец…
Луѓе, какви се тие мистификации во врска со нас, жените? Како да сме на некој родов натпревар, и небаре само ние сме нестабилни со расположението… Помина тоа време, далеку зад нас е потребата некој друг да ни потврди дека сме убави, умни и сакани. Научивме, а лекцијата за сакањето во прво лице еднина, е положена.., со петка!
Затоа признавам, независно од 8. март, а многу бргу потоа – и мојот роденден, привилегија е, поубаво и поудобно е да си жена.


Инаку, да, „вештерки“ сме, во највеличенствена смисла на зборот, затоа што и од пуканка знаеме да направиме рафаело кугличка, од скакулец- супермен, од оговарачка- инфлуенсерка.
Жени.
Да си жена значи слободно да бараш решение за годините и минливоста, да играш миженка со гравитација, да „течеш“, да се менуваш и најпосле да дознаеш дека „еурека“ за многу работи е – вода.
Водата подмладува, „Вода нешто носи“ од Зилахи, кој ме надои со романтика и безусловно сакање, водата е чудо што мие, пере, вовлекува, подмладува, усреќува, нурнува.., без неа нема живот.
Се навлеков на вода минатата година, драгоцена ми е, постојано учам за неа, и со задоволство ја пијам. Пред јадење една чаша, за да можам на раат да уживам во оброкот. А пред да зготвам, што и да правам, пак се дружам со вода, мијам, потоа со неа работам, а ако пресолам, пак ме спасува.

Вода како база за супи и чорби. Да ја вработам лажицата. А кога јадам риба, го користам правилото со вино, му помагам на водното животинче побрзо да се адаптира на новата средина.
Еве ми ја мантрата – водата е живот.  Секоја клетка во телото зависи од неа и ниту еден метаболички процес не ја заобиколува. Вода значи  здравје, ги подобрува менталните функции, претставува гориво за работа на мозокот и го чува организмот од болести…
Што уште?
Порано заборавав да пијам вода. Навистина. Кога ќе ми текнеше, се налевав без чувство. А еве Гугл вели- дехидрацијата го намалува краткорочното помнење и ја нарушува концентрацијата… Логиката е многу едноставна – ако му ја одземете на мозокот најбитната состојка за функционирање, ќе имате проблем. Тоа е како да возите автомобил без бензин. Кога телото е дехидрирано, течностите побавно се движат низ мозокот и затоа се забавува работата.
Чудо е водата, чудо.
Чистата вода е клучна состојка на ’рскавицата, врзувачкото ткиво меѓу коските. Таа, исто така, е составен дел на зглобовите, ако во телото има доволно вода, има помалку триење меѓу нив, а тоа значи и помали шанси за артритис, „искривување“ и сите „благодети на долгиот багаж“.
Водата го чисти телото од токсини а задолжена е и за намалување на солта во телото.
И, водата помага во борба со килограмите.
Ако сте гладни, испијте чаша вода – нема калории, ниту маснотии, а можно е (велам, можно) да го намали чувството на глад. Уште поважно, водата го забрзува метаболизмот. Повеќе вода во организмот значи и побрзо согорување на калориите…
Ода за водата и затоа што е во женскиот род. Можеби затоа- мие се.
Пуштете ја, нека истече.
Валентина Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена