Ај фил фуд. Љубов на уста влегува

„Во мое време“, често вели мајка ми, а сега несвесно ја имитирам, постоеше незаменлив ред за софра, и тоа не само за викенд, туку и во делници: појадок, ручек, па некоја лесна ужинка, за на крај да финишира со вечера и тоа во пристојно време (по Дневникот). Денеска, во првиот дел од денот се пие кафе, многу кафе, некои додаваат овошје, а какво ќе е понатамошното „внесување“ зависи од настаните, расположението и, секако, од емотивната состојба. Љубовта на уста влегува!
Па и едно интегрално колаченце ќе надомести за дневната нервоза, ќе исцрта насмевка на лице а пак чоколадото, за возврат, ќе ви ја исполни самотијата во креветот.
И Моцарт бил инспириран од храната, па забележал – музиката е храна на љубовта, а љубовта се храни со музиката, иако многумина сметаат дека јадењето е сеуште е главна причина за големите политички вибрирања…
Тогаш, ништо невообичаено што гастрономијата високо котира во животот на секого од нас. Се разбира, не беше секогаш така. На пример, додека огнот беше непозната работа на планетата, постоеше широк терен за масовно вегетаријанство. Ама се разгоре пламенчето и почнаа да се создаваат прапрараженчиња – риба и месо боцнати на дрвце, што понатаму се прпелка на огнот, па може да се нарече пионерски чекор на термичка обработка на храната.


И, од уста на уста, во далечните почетоци на озборувањето, најсилната реклама беа сознанијата да се пренесуваат долги години понатаму, а првите запишани рецепти се од 1.500 година пред Христа. Ги замислувате ли писанијата… Ева го вари јаболкото во шеќерот и така подготвено му го предава на Адам…
Мало „гуглање“ ќе ве однесе на интересна трага – прапрадедо на Џејми Оливер, Гордн Ремзи… е гркот Терипсон, татко на сите готвачи, а Архестратос, во мисијата да го надмине учителот, се амбицирал и напишал енциклопедија на тогашната гастроманија…
Кога дојде среден век, се`замре и се`се зацрни – јадењето беше жива депресија, ама не за долго.
Цутењето на готварската уметност е забележана во медитеранска „бела“ Италија во 14 век, а подоцна и во Франција, три века подоцна. Така остана се` до денес, во светските размери, без оглед на новите трендови, француската кујна е поим поради своите заслуги во готвењето…
Балканот и ние сме гиганти кога е во прашање храна!
Македонската кујна храната ја носи како ореден, се повеќе ја чува традицијата на поднебјето и денес има семејства кои во петок јадат грав, виткаат домашни сарми, месат пити и гибаници.
И така, чекор по чекор, и гастрономијата си доби свој дел на глобалната мапа на важните работи што го облагородуваат светот. Некогаш постоеја книги на рецепти, потоа стигнаа ТВ-емисии, а откако интернетот стана сенешто, се создаде е-фуд, блогови, портали кои ем што даваат одлични рецепти ем се вистинска убавина за гледање. Имаат дури и магиско дејство- гледаш и одиш во кујна. Како маѓепсани го отворате фрижидерот и се дружите со храна. Ако не сте по контактите тет-а-тет, имате компјутер и можност да ѕирнете во многуте дигитални книги за готвење.
Младите ја сакаат брзата храна, тврди американскиот автор Мишел Мос, нарекувајќи ја – легален вид наркотици, а притоа купувачите ги опишува како потенцијални зависници. Во книгата „Шеќер, сол, маст – како прехранбените џинови не` направија зависници“, тој вели дека без нив, не би постоела индустрија на храна, а без готови јадења, Американците не би знаеле да се прехранат.


Нашето време донесе и нов гастрономски речник, па многумина се збогуваа со готвачите и им посакаа добредојде на шефовите! Ако спаѓате во луѓе што ги сакаат новитетите, тогаш го сакате и „дизајн фуд“, сето она што има врска со дизајнот, а притоа се јаде – од концептот на „макарон шик“, аранжирани ситни француски колачиња што личат на целувки од бадем, елеганција и креативност на чинија, да не знаеш дали да јадеш или да фотографираш… Естетите се луди по чоко-архитектура, сензуални бранови од чоколадо а дизајнерката Клеменс Џоли отиде и подалеку, па од храна прави разни модни предмети.
Ќе спомнам и „поп-кукинг“, интересно од кујна за секој џеп, ама на високо ниво, осмислена од едноставни продукти од локалните пазарчиња и гранапчиња, со што се останува верен на традиционалната кујна. Најогнен застапник на спомнатиот гастроправец е Давид Оланд, кој во својот ресторан во италијанското гратче Корнаредо има понуда од 11,5 евра, која го брани неговиот став – „поп-кујната е уметност од сништата да се направат деликатеси“.
Нема крај ако не е сирова храна и градот- цар во однос на овој тип прехрана, Копенхаген, каде што има 42 ресторани за овој тип на исхрана а пред нив секогаш редици гости кои сакаат да ги пробаат специјалитетите на Бо Линдегард и Лас Асков…
Време е нешто да се касне, инспиративно, може – и од нога.
Ете, затоа оваа колкумна се вика љубовно.
Вања Тодоровска
Фото- Pexels

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени