Бадникова вечера на Chef Бобан Симоновски: Посна трпеза, убави муабети и семејството на прво место

– Ова празнично утро ги испративме коледарчињата, предвесници на Христовото раѓање со понекое јаболче, паричка, костенчиња и желби за среќа, здравје и благосостојба во домот – ја започна својата приказна Chef Бобан Симоновски, кој ни откри дека и покрај обврските на работа, има удел во подготовката за вечерашната посна Баникова вечера.
„Каде и да си, за Бадник дома да си“, велат старите а оваа поговорка ја почитувам откако знам за себе. Бадник е празник кога семејството седнува на заедничка посна и богата трпеза и кога највозбудлив момент што сплотува е кршењето на лепче со паричка. Тоа е секогаш домашно и месено -вели Боби и продолжува:

– Трпезата е превкусна а задолжителни се грав, посни сарми, риби, варена тиква, посна пита, печени костени, салата од зелка, туршија, вино, посни колачиња а јас традицијата ја освежувам и со понешто ново- правам чорба од печурки, ако се расположени домашните има понешто од морските длабини. Од тиква правам крем што го комбинирам со дошамни слатка, обожавам ѓевречиња и посни банички со кисела зелка и праз.

Како кај сите, така и кај нас адетот е трпезата да не се раскрева и да се остави да стои преку целата вечер, помини- замини, ќе се засладиш со нешто, се е толку волшебно, вкусно и посебно оваа ноќ.
На сите православни христијани им го честитам Бадник, утрешниот Божиќ и им посакувам бериќетна година. Да сте живи и здрави!

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!