Бојана Свалина, животен тренер, мотиватор и жена што „поразите“ ги претвора во победи:„Пут према себи“ е своевидна женска библија
Бојана, на каналот youtube секојдневно и се обраќате на вашата публика: луѓето учат да најдат сила во себеси, мотивирате, едукативни сте, но има уште нешто. Вашата животна приказна е нешто што може да се стави во Риплиевата рубрика- Верувале или не. Најблаго кажано, вие сте миленичка на Господ, бидејќи поинаку не можам да го разберам податокот дека после карциномот и менопаузата, добивте бебе?
– Ви благодарам што ме сместивте во рубриката на Рипли. И јас длабоко верувам дека сум сакана од Господ. И тоа- многу, но во исто време верувам дека тој подеднакво ги сака сите луѓе. Господ е љубов и кога во љубов веруваме, ги живееме чудата.
Вистина е дека третото девојче го добив на 45 години, 8 години по дијагнозата- карцином на града. Иако тоа можеби и не звучи како чудо, поради агресивноto лекување немав менструација 6 години, јајчниците ми се „исушија“ и во потполност прекинаа со работа. Само 2 месеци по бременоста, докторот ми кажа дека немам ниту една јајце клетка, и дека во мојот случај ќе беше сосема погрешно да ми ги отстранија јајчниците, што воглавно се препорачува превентивно, кај хормоналниот облик на карцином што го имав, а што јас интуитивно го одбивав.
Патем, секогаш го слушавте тоа „шепкање“ или интуиција која ви зборува- ова не е се! Раскажете за предизвиците на болеста, разводот, и сосема нова страница каде од сигурна работа стигнавте до „несигурна“-терапевт за душа?
-Не секогаш со слушав тој шепот, иако длабоко во себе знаев дека постои. Емпат сум и отсекогаш ми зборувале дека сум поинаква, ама тоа беше во негативен контекст.
Секогаш кога ќе ја слушнев интуицијата бев критикувана, понижувана и казнувана. Говорот на интуицијата воглавно е поинаков од говорот на умот и во светот што се поведува по логиката, тој е неразбирлив и погрешен.
Бидејќи поголемиот дел од моите одлуки беа интуитивни, и со самото тоа наречени- погрешни, во страв дека ќе згрешам, или, ќе бидам казнета и отфрлена од општеството, станав несигурна, без самодоверба, која прави тоа што другите сакаат а не она што ми зборува интуицијата.
Така го завршив факултетот што другите ми го препорачаа, се вработив таму каде што ми кажаа дека е паметно и сл. Живеев во грч и бев незадоволна, иако на прв поглед немав причина за такво нешто, однадвор, со очите на општестен успех, ништо не ми недостасуваше.
И, не само што бев незадоволна, туку бев и несреќна што не можам да сум задоволна. Сетоа тоа го прекина агресивниот карцином на града во мојата 37 година. Многумина се чудат што карциномот го нарекувам -пријател, затоа што од длабината на душата му се заблагодарувам што ме разбуди, и што ми го спаси животот.
Да не се случеше болеста, и понатаму ќе бев несреќна, или немаше да ме има, бидејќи длабоко во себе верувам дека душата го напушта телото кога веќе не може да издржи во него. Живеев како што сакаше мојот газда, сопруг, децата, пријателите…Карциномот ме разбуди и ме донесе до мојата душа, до мене. За првпат се прашав -која сум јас, што сакам, каде сакам да живеам…Одговорите што ги добивав беа сосема поинакви од мојот дотогашен живот.
Иако ми беше тешко да се разведам, бидејќи бев сигурна дека во тој брак, иако несреќен ќе останам цел живот, болеста ми даде сила тоа да го направам- не најдов причина да останам во заедница каде што не постои почитување и прилика за обострана љубов.
По првпат живеев сама и се грижев за децата. Беше полесно одошто мислев. Само ме уверија дека сум неспособна и дека нема да можам сама. Не само што супер ми одеше, туку и ќерките ми беа среќни и задоволни, а јас секој ден, се порадосна. Единствено ме загрижуваше работата што ме трошеше. Иако бев на висока позиција, со висока плата, одлучив работата да не ме прегази, особено што не ме исполнуваше.
И тогаш, собрав храброст, ја напуштив добро платената работа и почнав да го правам тоа што се сметаше за лудо. Станав терапевт за душа, она во што сум навистина добра, бидејќи како емпата добро ги разбирам луѓето. Но, не само поради тоа што сум емпата.
Во годините по дијализа, и самата одев на терапии кај одлична терапевткиња која во мене препозна голем талент и ми препорача понатамошно школување што го прифатв без резерва. Не зажалив, бидејќи денес ја работам работата што ја обожавам и во која сум успешна.
Така се роди и вашата книга „Пут према себи“. Каков е тој пат, дали поради стравот не нурнуваме подлабоко во себе си, оставајќи пустина во душа?
– Патот кон себеси е своевидна женска библија, така велат жените што ја прочитале. Прирачник во кој можат да се најдат сите што сакаат да зачекорат кон себе си, од здравите кои сакаат превентива, до болните кои бараат пат до здрав и среќен живот. Ја пишував две години, ама тоа е своевидна круна на мојот живот, од авторски приказни до знаења како да се живее среќно и исполнето.
Валентина Вања Тодоровска
Коментарите се затворени