Ване Маркоски: Паѓањата ме направија посреќен човек и еве ме, со најгледаното кулинарско- шоу
Веќе подолго време прилозите поврзани со исхраната, традиционални ама и оние други -тренд- рецепти, готвачи- аматери, понекогаш и професионалци, ти се секојдневен ангажман. За разлика од естрадата, кога се зборува и приготвува храна, има само убава енергија. Се сложуваш ли со тоа?
– Секако, се согласувам со оваа констатација: таму каде што се готви и таму каде што се зборува за храна, навистина има само убава енергија. Благословен и среќен сум со тоа што влегов во еден ваков проект. Ова прашање ме врати 4 години наназад, кога мојата уредничка и нашиот програмски директор во „Канал 5“, Марија Саздева, ми ја кажа идејата за „Избор за најдобри рецепти“. Тогаш бев малку скептичен кон самиот себеси, дали ќе успеам да се снајдам, дали тоа е тоа што го сакам, бидејќи дотогаш бев во емисии со забавно – музичка тематика и во утрински програми. Постоеше во мене страв, дали луѓето ќе ме прифатат, немав многу познавање од кулинарството, сепак, подготовките за прашањата, стручни термини и слично, сето тоа правеше да бидам несигурен… Мојата среќа е што нашиот менаџмент во телевизија ни ја дава целосната доверба и поддршка. Така се изградив, созреав и еве денеска ја тераме 4-тата сезона и навистина можам да се пофалам со одличен рејтинг, односно „Изборот на најдобри рецепти“ со право го држи приматот на најгледано кулинарско шоу за аматри, иако некогаш знаеме да поканиме и по некој професионален готвач, за да освежиме во содржината. Сето ова е благодарение на нашите гледачи. Уживам и среќен сум.
Прилозите што ги снимаш не се само од Скопје, туку од сите делови на Македонија. Ајде, најсубјективно: каде и што најубаво се јаде?
– Искрено, ова прашање ме натера да размислам, да отворам многу стари мејлови каде ги имам учесниците и нивните рецепти. Заклучокот е дека Македонија има таленти во кујна со кои треба да се гордее. Имаме луѓе кои вистински ја сакаат кујната, посебно дами кои кога готват, не ја кријат среќата од моментите кои ги поминуваат во кујна, посебно задоволството што сето тоа го споделуваат со нашите гледачи. Но, ако неможам да изберам место, можам со сигурност да кажам дека месените работи се нешто највкусно кое може нашата кујна да го понуди насекаде и со кое треба да се гордееме.
Што убаво ти се случува во контактите со луѓето кои своите готвачки вештини сакаат да ги промовираат јавно? Те инспирираат ли конкретно рецептите, во смисла да зготвиш, направиш нешто што веќе си го видел?
– Уххх. Што убаво? Овој проект ме промени. Иако навидум изгледа едноставен, одиш некаде дома, снимаш и тоа е тоа, чувството кога трае снимањето, контактите со новите луѓе, нивните приказни за животот, тоа е лекција која секој водител може да ја посака. Работата на терен и комуникацијата со луѓе е непроценливо школо. Во Македонија има многу емисии за готвење, но од ваков тип, ние сме единствени. Досега биле само неколкумина кои ме навредиле дека мојата работа е да седам и да гледам како некој готви, а тоа за мене значело дека не напредувам во проектот, но, не им забележувам. Тие луѓе не знаат што се случува на снимањето, не ја разбираат таа убава синергија помеѓу мене и кандидатите. Не разбираат која инспирација ја добивам за се, од нивните рецепти и нивните зборови. Можам само да им се поклонам на нашите учесници за се, па и за новите рецепти кои научив да ги готвам, иако тоа го ставам на последно место. Прво ми е – се друго што се случува околу нас.
Релативно си млад, но искуството што го имаш, созревањето што го стекна токму со своето искуство, те смени и те оплемени со една поинаква енергија. Дали и што му замеруваш на некогашниот, наивниот Ване?
– Му замерувам за многу нешта. Нема назад во животот. Овие години многу паѓав и растев, созревав. Тоа ми овозможи во градите да го имам и чувствувам оној животен полет, некои „пеперутки“ за кои порано луѓето ми велеа дека постојат, но не знаев што е тоа, бидејќии околу мене имаше многу луѓе со црни мисли и постапки. За големата професионална трансофмација се заслужни моите менаџери во „Канал 5“, кои веруваа во мене, а за мојата лична трансформација многу ми помогна ценетата Илина Ведран, нашиот тренер за личен развој, која ме научи да го сакам животот, и нашата ценета Тања Турунџиева, која со исхраната ми го смени целиот стил на животот. Тања, знам дека ќе ме читаш, затоа јавно сакам да ти се извинам што не сум редовен на мерењата и прегледите, но начинот на исхраната ми стана секојдневие и навистина сум ти благодарен за тоа. Ова се само дел од луѓето кои ми подадоа рака да се сменам, заедно со моето семејство и пријателите.
И, во што „новиот“ ти најмногу уживаш, што те радува, усреќува и да, те насмевнува?
– Луѓето околу мене и секојдневните работи. Луѓе, бидете среќни. Ова звучи како клише за оние кои мислат дека само со насмевка се постигнува и покажува среќа, но, за другите кои ја разбираат длабочината на оваа реченица, знам како ќе звучи. Да си останеме ние, вториве на иста фреквенција и да не дозволиме останатите да не повлечат во сопствената „јама“ во која се дават низ животот. Радувајте се, уживајте и сакајте се себеси. Се останато е минливо.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени