Смртта е отсуство на присутност, ништо повеќе од тоа, а кога заминува бардот, како што беше актерот Ванчо Петрушевски, умирањето е „само“ физичко исчезнување. Па и кога до годината на раѓањето – 1951, ќе се додаде 2018, како година на збогувањето, кога ќе се сетиме на сите улоги, најразлични жанрови каде се дал до последниот атом, тогаш времето навистина е имагинарно.
Последните години, особено во летниот период Ванчо со семејството живеел во викендичката во Орешани. Неговите блиски пријатели велат дека таа куќичка на отворено беше вистински рај за акатерот. Престојот во природата сосема го закрепнал, го освежил. Бил голем гурман а уште поголем готвач, за што сведочат безброј емисии од областа на гастрономијата, ама и многуте вечеринки што ги подготвувал за своите пријатели. Се разбирал и во разноразни мајстории во куќата а денешното несреќно ставање на соларни панели за топла вода, било судбоносно : Ванчо бил качен на метална скала, доживеал струен удар, и починал на лице место. Точно во 13.20ч, во моментот кога на тв се прикажувале Македонски народни приказни, а во главните улоги, тој и Шенка Колозова.
Ванчо Петрушевски почина на 67 години, а веста за смртта денес ги возменири неговите колеги, пријатели, публиката од најразлични возрасти. Го сакаа како Рамче а беше и омилен лик од сказните.
Петрушевски е роден во Скопје, завршил Високата музичка школа, отсек за актерски кадри а веќе во 1975 година се вработил во Драмскиот театар. „Ослободување на Скопје“ е првата претстава која го потврди неговиот талент а понатаму се редеа аплаузи во „ Дупло дно“, „Сомнително лице“, „Собирен центар“ , „Чија си“, „Грев или шприцер“, „Маратонцките го трчаат почесниот круг“, „ Сега му е мајката“, „Зоолошка приказна“, „Солунски патрдии“, „Ноќ спроти Водици“, „Женски оркестар“, „Тетовирани души“, „Халмет од Долно Гаштани“ и многу други.
Ванчо одиграл запаметени рољи и во филмови и тв серијали- „Битолски лакрдии“, „Погрешно време“, „Македонски народни приказни“ „Трето доба“, „Салон Хармони“, а беше дел од екипата на сега веќе култната радио- емисија „Хихирику“.
Богатиот опус на Петрушевски е забележен и преку филмските остварувања во „Ангели на отпад“, „Време живот“, „Тетовирање“, „Поштар“, „Опстанок“, „Среќна нова `49“, „Диво месо“, „Пресуда“…
Кога смртта доаѓа ненадејно и тагата е уште поголема, што се гледа и по масовното простување на колегите на Ванчо по социјалните мрежи.
„Голем актер, редок човек и посветен колега и пријател. Благодарност за сите негови улоги со кои пораснавме, но и за сите претстави што заедно ги споделивме на сцената. Ќе недостасуваат неговата искрена насмевка, ведар дух, неверојатен хумор и вечен оптимизам! – пишува Васил Зафирчев, а Рубенс Муратовски се збогува со : „Кога ќе си отиде глумец од моето детство, како да си оди и дел од мене. Дел од она кон кое сум се стремел. На кое сум завидувал и бескрајно го почитувал. Ванчо, беше баш таков. Но кога ќе си отиде глумец, знаеш дека неговите одиграни улоги ќе останат за навек.“
Богатата кариера на Петрушевски беше обележана и со многубројни признанија и награди- „Димче Трајковски“ за епизодна улога на Јаков во претставата „Дупло дно“ на Тетарските игри „Војдан Чернодрински“ а на истиот фестивал ја доби наградата за најдобро актерско остварување , за улогата на Јанко во „Собирен центар“.
Колку беше сакан од публиката сведочат и наградите за најпопуларно ТВ лице на „Вечер“ во 1987 година и за најдобар актер на ревијата „Екран“.
Пред две години Ванчо Петрушевски ја доби Октомвриската награда за животно дело.
Комеморацијата на Петрушевски ќе се одржи во понеделник, во Драмскиот театар од 10ч. а погребот е на Градските гробишта во Бутел во 13ч.
(В.Тодоровска.)