Ведрана Рудан: Сексот е само средство за смирување

Ведрана Рудан е ретка персона на бившите ју-простори, автентична, смела и вредна а нејзиниот потпис стои зад романите: „Црнци у Фиренци“, „Дабогда те мајка родила“, „Ја неверница“, „Кад је жена курва, кад је мушкарац педер“, „Љубав на последњи поглед“, „Страх од плетења“, „Ухо, грло, нож“ и најновата, преведена на македонски јазик – „Костурите на округот Медисон“ (literatura.mk). Поради смелоста работите да ги нарече со вистинско име, многумина ја нарекуваат хрватска Ерика Јонг, ама дефинитивно, секоја нејзина колумна предизвикува голем медиумски интерес. За пишувањето, како и за сексот вели дека е занает, совладување на техника, нешто како пливање, или нуркање, многу често, по интуиција и без опрема. Жена без влакно на јазик, без лажен, а уште помалку – двоен морал.

Пред да Ви дадам комплимент за изгледот, сакав да Ве прашам имаат ли вашите години некаква роднинска врска со Вашата надворешност? Го чувствувате ли забот на времето?
– Не мислам дека животот ми е бавен ниту удобно завиен, затоа што често патувам, секаде сум повеќе отколку што сум дома. Што се однесува до „забот на времето“, да, го чувствувам, но имам среќа денеска својата енергија, што е евидентно многу помала од пред триесет години, да ја трошам на убави работи, на уживање, а не на робување за да преживеам.

 

Какви совети би им дале на жените, кревките во мислата, на оние што од пријателките, од магазини бараат совети за љубов, живот, постоење? Од кого вие сакате да слушнете некој збор на охрабрување? И, кои се вашите пријателки?
– Од мене никој никогаш не барал совет. Пријателки немам. Жените се како мажи, имаат куп проблеми, знаат да кукаат над својата судбина, ама ретко која од нив би излегла од лоша врска или би ја сменила работата што им ја одзема енергијата, времето, нервите и им ја убива животната радост. Не ги сакам многу женските друштва ниту пак кукање над женската судбина- „тој не ги мие нозете, децата се диви и себични, мајка му постојано ѕврцка, тој многу пие, постојано гледа фудбал, наместо да ме држи за рака“… Баш ми е гајле што ги мачи жените кои со домашните ѕверови не знаат да излезат на крај. Патем, дома немам дивјаци, за тоа се изборив, па затоа и немам разбирање за женските маки. Јас не треба да се охрабрувам, знам да излезам на крај со животот.

Дали за некаков баснословен износ на пари би учествувале во риалити шоу?
– На ова прашање наједноставно е да одговорам „не“! Меѓутоа знам дека секој има своја цена, па ја имам и јас. Не знам колкава е, ама веројатно би ја препознала кога некој би ми ја спомнал. Парите во животот се многу важни, а секој што зборува поинаку, лаже. Со нив може да се купи здравје и душевен мир, а тоа на многумина им е најважно. Не сакам риалити шоуа, жал ми е за луѓето што својата интима ја продаваат за ситни пари за месец или два да бидат „ѕвезди“. Меѓутоа живееме во време каде што секој нормален сака да е ѕвезда, па и на ден-два, затоа и ги разбирам. Не сакам да ги осудувам луѓето и да делам памет. Поголемиот дел од луѓето знае што сака од животот, или мисли дека знае, па која сум јас да им делам правда?

Во вашите книги сексот е „радо виден гостин.“ Колку тоа „спојување“ може да ја спаси планетата? Ако поради ништо друго, тогаш поради мирот да не избувнеме кога ќе најдеме поплава по туширањето, испрскани кремови...
– На сексот секогаш сум гледала како на сретство за смирување. Ако жена ги совлада основните техники, со кој било маж може да дојде до оргазам. Сексот е како продавница, а како тема преценет или ми се чини, па сум заборавила со колку уживање сум се тркалала по кревети и ливади. А дека сексот може да ја спаси планетата, се сомневам. Господарите на светот имаат премалку секс, затоа и не се опуштени и затоа наскоро ќе не` изеде ледената доба.

Валентина Вања Тодоровска
Фото- youtube, емисија- Pravac, zelena ucionica.com

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени