Годините и духот навистина немаат никаква врска. И денеска актерката Весна Чипчиќ е полна со енергија, бескрајно шармантна и духовита, жена која пркосот кон времето и годините го толкува на свој начин: „Покрај нашето срце, се е прашање на умот, дали е бистар и чист или запуштен и замаглен…А што се однесува до годините, сакам да речам – добро сум, одлично, немам време да бидам лоша.“
Весна е една од најзначајните српски актерки која се прослави со многу популарните ТВ-серии „Жежок ветар“, „Поп Ќира и поп Спира“, ама и со филмовите од серијалот на „Жикина династија“. Денеска е активна на штиците што живот значат, безусловно е вљубена во кловновите од нејзините платна, потоа во добри едноставни луѓе и во морските зазорувања.
За почеток- што имаат заедничко Елиза од „Жикина династија“ и Весна Чипчиќ од секојдневјето?
– Веројатно, домашното галениче – француската пудла.
На ТВ-екраните Ве гледаме во комедии, а во театар играте драми. Што е пресудно повеќе да сакате некој жанр?
– За мене се најважни добар текст и добра улога, тие се патоказ за сите мои радости и страсти. За среќа, и драма и комедија се менуваат во редовни интервали, па и понатаму има многу радост во моето актерско битие.
Секој човек е микрокосмос, со таа разлика што Вие секогаш сте изложена на очите на јавноста. Како реагираат луѓето кога ќе Ве препознаат?
– Би била неискрена кога би кажала дека изложеноста ми пречи или ми досадува. Да беше обратно, не би ја одбрала оваа професија. Во таа смисла, и не доживеав нешто грдо, што би ми ги сменило мислите и ставот на таа тема. Напротив, слушнав толку убави зборови и имав толку пријатни средби, што тоа и ден-денес ми годи. Опкружени сме со, како што сами кажавте, многу негативни работи, грди слики во денешниот свет, па радоста на лицето на мојата публика навистина ме прави среќна.
Тогаш, ви пречи ли човечката љубопитност? Или – што е за Вас малограѓанштина и колку ја препознавате во однесувањето, намерите?
– По природа сум љубопитна и не ми пречи кога тоа ќе го забележам кај другите. Како за се` во животот, во прашање е мерката на човечкото достоинство. Светот на малограѓанштината е далеку од сферата на моите погледи и интересирања, а неа секогаш и ја имало и ќе ја има. Зависи од нашиот критички став како и каде ќе ја сместиме.
Често патувате, а тоа Ви го овозможуваат и професијата глума, ама и Вашето хоби – сликањето. Дали критериумите, моралните вредности, се што научивме во бившата земја имаат некаква употребна вредност во „белиот свет“?
– Да ги нема тие патувања, како ќе ги одредевме своите репери? Уживам гледајќи разни театри по белиот свет. Тоа е и една од причините за моите зачестени патувања и жал ми е за младите колеги што ја немаат таа привилегија.
Безусловно сте вљубена во кловновите од Вашите платна, и покрај тоа што се толкуваат во поинаков контекст, како најтажните луѓе на светот.
– Кловновите што јас ги сликам се весели, со живи бои, тоа се мои прекрасни другари, кои ме однесоа на неколку изложби во Холандија. Никој од нив не е ниту тажен, ниту во солзи. Огнометот од бои што го носам во себе е комплементарен со душата на моите кловнови. Меѓусебно се дополнуваме и се радуваме на животот. И ништо не е случајно – го засакав театарот на некој чуден начин, восхитувајќи им се на актерите на циркусот, уште додека бев девојче…
Велат, се што ни се случува, сето тоа самите го повикуваме или привлекуваме – за да пораснеме, да станеме похрабри, да се подготвиме за животните битки.
– Кога дојдов во Белград, бескрајно се радував на тоа волшебно освојување на слободата. Кога ги родив Ања и Иван, го доживеав остварувањето на своите соништа, а кога ги загубив своите родители, зацврснав во болката и мислам, сосема пораснав. За жал, таквите тешки моменти го местат животот и емоциите ги ставаат на вистинското место. Болка, ама болка од која повторно растеме за среќа. Верувам дека Бог ни дава тешки задачи, онолку колку што е во нашата моќ и сила да ги совладаме. И затоа е голем.
Изгледате весело, опуштено, често Ве гледаме насмеана. Што се Ве расположува?
– Топлина на човечката душа, духовитост, добра претстава, нежноста на моите деца, рано, штотуку разбудено утро на море, убав збор, мрсен виц.
Весна со ќерка и Ања
Вашата поинаквост, претпоставувам, се крие во тоа што зборувате без ракавици, отворено, ама без навреда?
– О, да и без ракавици и без ногавици! Во младоста ми недостасуваше дрскоста, но во меѓувреме вредно работев на тоа, па денес не се воздржувам, рака на срце воспитано, да пукнам и да распалам, кога тоа е неопходно.
Многу жени својата сигурност ја темелат врз емотивна врска, односно со партнерот, како единствена можност да се најдат себеси. Се постигнува ли потполна среќа во врската или што со годините и искуството научивте за љубовта?
– Научив дека е тажен животот без љубовта. Сеедно дали ја носиме во себе или не, сеедно дали е тоа партнерски однос или нешто друго. Капитал е да се дава љубовта, а за мене искрено задоволство е да ја примам. Со години природно, и љубовта пронаоѓа други рамки и расте напоредно со нашето битие, кое постојно сака и оди напред. Не можам да замислам живот без љубов, ниту еден единствен миг.
(Вања Тодоровска)