Од сите убавини во животот, најголемата, најсрцевната е сплотена со она пламенче во градите што го препознаваме во неколкуте збора поврзани со корените, исконското и традицијата. Затоа сме во Вилата Дихово.
Не ми е првпат да сум тука, па се чувствувам привилегирана да давам комплименти, да откривам што кријат дрвените порти, откаде најубаво се гледа раѓањето на денот. И, ги разбирам сите околу мене што со очи ширум отворени го пијат природниот раскош, заедно со сокот од лубеницата и нането, и експресно, од гости стануваат- пријатели. Ништо ново, ништо чудно, ете годи ненаметлива љубезност на домаќините, мераклиски и со искуство направените јадења, чувството на припаѓање и особено хуморот на Пеце Цветковски што, пред 15-тина години со промовирањето на селскиот туризам и локалната храна го брендирал и селото.
Инаку, Дихово, вели Lonely Planet, спаѓа во 50-те најубави тајни локации во Европа ама, ја побиваа тезата дека најтешко се успева на својот терен. „Поинаку е тука- велат моите извори бидејќи, „Дихово е вистински култ меѓу битолчаните“.
Селото е вгнездено е во подножјето на планината Баба а зеленилото на неговиот највисок врв Пелистер (2.601 м надморска височина), двете езерца- опеаните „пелистерски очи“, негибнатата природа на ливадски широчини, ретките миризливи тревки, водопадчето на Драгор.., нас „обичните“ туристи за само неколку часа не престорува во поети и боеми.
„Вила Дихово“ е со импресивно паметење: има 100 години и значи нурнување во емоциите. Чиста енергија, флуидна, подвижна: во централниот дел е дрвената маса, карши неа- стар камин откаде во препознатливото крцкање на огнот ќе заталкате кон своите корени, по полиците дребулии – чаши, книги, добро сочувани стари предмети, по ѕидовите слики, фотографиии, дел од нечии животи, простор оплеменет со сеќавањата на семејството на некогашниот професионален фудбалер Пеце Цветковски.
Храната е едно од локалните обележја, коматот е на прво место, а ова може и да е доживотно етаблирање, зошто е крцкав, миризлив и вкусен. Потоа се редат пиперки во разни рува, низ сите сезони, полнети, печени, гмечени.., од кујната на мама- со мерак приготвувани џемови и мармелади од сливи, дуњи, јаболка, капини, па домашни ќебапи и колбаси, каде покрај тазе месо набавено од локалните месарници се става и некоја тајна мирудија на Пеце, а најубавото од се е тоа што зеленчукот доаѓа директно од градината. Се се дегустира внимателно и мераклиски, а чиниите разбирливо остануваат празни.
По таков гурмански оброк се рашетува низ околината, за да се прочистат дробовите, да се протегнат нозете и тоа во друштво на ненаметливиот а доверлив Лео, домашната хаска на Цветковци.
За крај, за среќен пат, исто како што беше на почетокот, за добредојде- вино. Домашната винарија, волшебниот нектар на Розе и Вранец во долгите летни ноќи навистина не прави поети: така ги препознавме пламенчињата во душите на луѓето со кои наздравувавме.
Елате си во Дихово.
Валентина Вања Тодоровска