Вчеравечер, сите патишта водеа кон арената „Борис Трајковски“ – си знаеме, секоја година ова време, се случува популарната „Златна бубамара на популарноста“. Присуствувавме на спектакл, па да- грандиозно шоу, во кое видовме и слушнавме над 200 уметници, музичари, актери.., буквално сите што минатата година ги засукале ракавите, се вложиле правејќи чудо од својата работа. Ете, ги полази буба мара!
Велам, сите што заслужија – се појавија, имаше многу сатира, се изнасмеавме на актуелни дешавки раскажани од ненадминливиот Сашко Коцев… Ред музика, ред смешки, неколку селфија со маски, малку голтнати емоции, понекоја солза, маратонско седење, журка .., и сето тоа во рамката на „бубамарското шоу“, што го имаше своето 22 издание, посветено на нас, отруените и запоставените граѓани.
Списокот на наградените како и траењето на шоуто беше маратонско – започна со наградата за животно дело, со Григор Копров, неговото емотивно обраќање до публикта, огромното творештво (браво маестро), па „отидовме на југ“ со Мики Јовановски Џафер, кому му припадна наградата за животно дело, ја слушнавме безвременската „Сонце за три света“… Многу емоции, многу сеќавања.
Морници поминуваа од настапот на Влатко Стефановски (награди за концерт и албум на годината), придружен со Танец и хорот „Мирче Ацев“, грандиозна слика. Никогаш не бил толку сплотен аплаузот во „Борис Трајковски“, ( патем Арената беше преполна) кога Влатко на публиката и се поклони со синот Јан, кој го придружуваше на тапани.
Наградите на Влатко му ги предаде Никола Ристановски
Се сетивме на луѓето што не се веќе со нас – на Влатко Илиевски, Ванчо Петрушевски, Мите Грозданов, Горан Стефановски…Петар Грашо (да, беше и тој) не потсети на Оливер Драгојевиќ, а Бора Чорба и Игор Џамбазов ја изведоа „Погледај дом свој анѓеле“.
„Дупер“ ја зема наградата за откритие на годината, Влатко Лозановски за пејач и хит, најдобар тв- проект е „Преспав“, а меѓу наградените се Дино Имери, Емин Џијан, Вера Мештеровиќ, Перо Антиќ, Ирена Ристиќ, Горан Стојановски, Дритон Вејсели, па претставата „Еден месец на село“, детскиот мјузикл „Земја во која не се стигнува“ и балетската претстава „Ана Каренина“.
Фчерашни новости, Нокаут, мал- голем херој Марко Пејчиноски, Агушеви, Атанас и Тино, Сашко Коцев, Ранко Петровиќ, …еве, уште еден аплауз, за браво. Навистина, кој ни даде повеќе?
Вања Тодоровска
Фото- Златна Бубамара на популарноста , Слободан Ѓуриќ