16.8 C
Skopje
сабота, април 19, 2025
spot_img

ГАСТРОНОМСКИ БЕЛЕШКИ. Келнерот е кафеански инстант- психијатар

Келнерите не се само дистрибутери на чаши, флаши и чинии туку и активни креатори на кафеанските случувања, детектори за пулсот и економската моќ на луѓето, очевидци на раѓањето на разноразни љубови и сведоци на изневерувањата- по сите вертикали и хоризонтали.
Без оглед на кој меридијан се наоѓа, келнер е човек од посебен вид и дефинитивно поседува „нерви- ортома“.


Едноставно како ден- келнерот секојдневно се среќава со табиети (од лимун до ламја), на нервозни, арогантни и какви се не гости. Ех, од едно видување тие можат да препознаат „загрозени“ боеми, хипохондри, олабавени хохштаплери, дедовци со „ала Тито“ бојосани коси, жени што грмат, возачи- фаќачи на кривини, бивши и сегашни пријатели, партиски послушници, нереализирани филозофи, исфрустрирани персони во жолта минута…. Понекогаш мислам дека токму келнерот знае кој е зошто во кафеана, кој ќе оди во празна а кој во полна куќа, тие ги намирисувааат и среќните и тажните…
Од келнерот се очекува многу- на пример да знае кога е почеток а кога е време за доста, истиот треба да е дипломат поради балансирањето со готвачите од кујната, со музиката и со гостите и на крај- на гости со гости…
Никој не вели дека работата е едноставна.


Се разнежнувам кога ќе се сетам на келнерите од каубојските филмови: тие се нешто како инстант психолози- за начуканите гости седнати на шанкот секогаш имаат татковски и братски совет. Сегашните филмски драми се покомплекси и келнерите најчесто имаат карактерот на доктор- антиалкохолирач, кој точно знае кога да прекине со гратис пијачки.
Конобарите треба да имаат добра концентрација, меморија, спретност, но и да се комуникативни и сугестивни.
И да, најважна од се е насмевката, отвореност и љубезност, како да дочекува гости дома.
Моите искуства со овој кадар, откако пишувам колумни од гастрономија, се повеќе позитивни отколку обратно.
Токму тие што ме „предизвикале“, не сакам да ги сретнам повторно а објектите каде што работаат ги одбегнувам во широк лак. Сеуште не ми е јасна нивната мрзливост (додека дојде за нарачка а уште потешко- да наплати, можеш да нарачаш втора тура), потоа „психолози и гатачи“ кои како да ти се пикнати во умот и според нарачката го преценуваат бакшишот на крај…
Посуптилен тип на келнер (од истата тема) инсистира нарачката да биде поголема и на крај го фрла адутот, невино прашувајќи:„само толку?!“
Ми се случувало да не сум одлучна при нарачката, имало јадења кои ми биле интересни и фалело само малку иницијација да бидам конкретна, но келнерот сосема ме обесхрабрувал со кревање раменици и недефиниран поглед.
А принудно бркање од објектот? Тоа се случува кога само што ќе ја одложам вилушката, тој како фурија, од нигде никаде- ги собира чиниите.
Добри за одбегнување се и келнерите- свекрви, итреци и шегобијци. Се нешто возвраќаат, се инаетат, имаат потреба да ја демонстрираат својата супериорност (демек- случајно сум тука, инаку поседувам остров на Егејот) и за најмала услуга (на пример да ја стават чашката во ладилникот) одбрусуваат- тоа не е моја работа…
Овие неколку совети за келнерите што имаат намера да се пензионираат во професијата, беа инспирирани со гореспомнатите искуства.

Waitress reading specials to people in restaurant

А, еве како треба.
1. Кога уште од вратата ќе те дочека насмеан келнер, кој патем ти посакува добредојде, ти го придржува палтото на пример, и сето тоа е – многу искрено, веднаш се расположуваш. Каков и да ти бил денот.
2. Бидејќи келнерот е лика и прилика на објектот, логично е дека сте задоволни кога ќе видите дека е спастрен- со пеглана и чиста кошула. Уште ако не мириса (на природен или вештачки парфем) и ги има сите заби, сликата е комплетна.
3. Кога сте веќе седнати, добивате мени и препорака- што е најдобро за тој ден. Овие совети се драгоцени ама уште поважно е чувството дека тој некој, си ја сака работата, подготвен е, и ужива во корисна конверзација.
4. Кога келнерот е во добрите со готвачот, се гледа на лице место. Информациите се точни, брзи и насочувачки. А кога ќе го сервира јадењето, умно е да е во непосредна близина. Да е тука, ама како да не е. Убаво е чувството кога и покрај метежот, келнерот ќе ви даде знак дека забележал кога сте го повикале.
5. Не е пријатно кога келнерот вака или онака им ја спушта цената на колегите а уште подегутантно- кога со итроштини го озборува газдата. Никој не е од вчера да не забележи дека зад тоа се крие неговата неспособност. Што работи каде што е незадоволен?
6. По оброкот се во опции десертот и кафето, и ако вашиот водач точно ја знае „благата опција“, нема зошто да не му верувате.
7. И на крај- време е за бакшиш. Непишано (а во некои земји и напишано, на сметката) правило е келнерот да добие 20 проценти од целата сметка. Сите гости ја немаат таа навика, но тоа не значи дека треба да бидат испратени со намќореста фаца, или келнерот да се врти кон колегите и со гестикулација да покажува дека- не се офајдил. (Вања Тодоровска)

Фото- freepik, pexels, restaurant and food, sutherland

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена