Aко не користите конкретен одмор а од патувањата, особено морски нема ниту „м“, слободните денови можат да станат благодетни прошетки по „неоткриени“ територии. Тоа би биле егзотични, корисни и нови излегувања од секојдневната рутина, во сосема непознати а преубави, полни со живот краишта на нашата земја.
До Смилево се стигнува едноставно- откако ќе го поминете Демир Хисар и неколкуте нанижани села, кај патот што се двои- месноста Мраморица, ќе знаете дека сте сосема блиску до целта. Го следите единствен пат по кој ќе доживеете вистинска катарза, чистење на мислите и душата, од зеленило што ве блиснува од сите страни.
Во денот кога кротката жештина го растреперуваше воздухот, го посетив селото ама и „Костенче“, и оваа гостилницата ми се стори како вистинско остварување на илузиите. Се израдував како мало дете кога слушнав клопарци и тука и таму понекое ехо на луѓето што ги собираат животинките.
„Костенче“ е добро да се посети и намерно и случајно, затоа што ќе се почувствувате како најдраги гости а во љубезноста на луѓето веднаш ќе ја препознаете природноста и едноставноста. Локалот има 14 години а никна токму во делот каде костенот најмногу ги шири своите раскошки крошни. Тука сенката е најдебела, можеш да седнеш и да се заборавиш, да посакаш и да се претопиш со природата.
Иако е ова специјализирана куќа посветена на гурманите кои уживаат во домашни и мајсторски приготвени јадења, типично за традиционалната македонска куна, менито е „усно“; прочуени се домашни колбаси, вино и ракија од истата, домашна адреса, комат- зелник, ѓомлезе, домашни варива, салати, макала, пинџури, печења- свинско, јарешко или јагнешко, риби…Конкретната понудата зависи од годишно време и се е многу тазе.
Изборот им го препуштив на домаќините кои ми препорачаа колбаси, салата и она што навистина го обожавам, лелеаво ѓомлезе.
Седам во вториот дел од „Костенче“ каде погледот шета преку планини а ветрето пирка таман да ги разбранува мислите. Тука убавината е на „ти“ со се што значи живот: зелено е, бујно и навистина преубаво.
Само што почнав да чувствувам глад, како по некоја интуиција на карираното чаршавче ми принесоа голема чинија од ѓомлезе, сезонска салата и домашни колбаси. Веднаш ги вкусив -вкусот им беше споен и дозирано лутеникав, пикантен и примамлив. Тазе, сосема тазе месо и целиот спој си го направи своето во најдобриот можен контекст.
И тука не застанаа гурманлукот- пред вкусот на ѓомлезе потпишав потполна капитулација: како да јадев нешто најприродно во светот, па џубори меѓу залаците….Вкусно и превкусно.
И сега навистина мислев дека е крај, но за „големото финале“ домаќините го принесоа традиционалниот комат и чесно се помирив со фактот дека тоа што го месам дома, и ова тука, немаат многу допирни точки.
Можеби е поради водата, се тешам, приспомнувајќи си за изворската од Смилево. И.., уште сум кај заводливиот, мајсторски направениот зелник. Тестото е ровко, се топи меѓу прстите. Како во магла ја имав сликата на тетка ми во летната кујна како го развлекува тестото, па со сукалото, како највешт мајстор прави кори преку кои навистина може да се чита весник.
Денот во Смилево полека но сигурно го најавува своето заминување. Беше ова навистина прекрасен августовски ден, не толку топол како во Скопје, напротив.
Домаќините во „Костенче“ го потврдуваат своето гостопримство обврзувајќи ме на нова средба, а јас враќајќи го филмот од вкусната трпеза со радост го чекам повторното доаѓање...
(Валентина Вања Тодоровска)