Знам, календарски, официјално започна есента. Се намалува денот, станува како скусен фустан испран на центрифуга, кај и да е, ќе зачестат дождовите, сивилата, ќе маваат депресиите…. Затоа не го љубам ова годишно време…
И, за инает, секоја година имам свој временски календар, си терам некој интерен инает. Тоа изгледа вака : за мене е уште лето, така и се однесувам, и ако погледот нема каде да ми заталка, си велам- само денот не е погоден, и изгубена битка не е и војна…
Инаку, тукушто сум вратена од земјата чија што кујната ја љубам безусловно- Италија, имам убава енергија, распеан акцент и деликатни гастрономски желби што секоја вечер ги протнувам под нашето ѕвезденото небо. Ах, на каква раскош ми се навикна непцето, како „манџаре“ ми стана мантра што му додева на желудникот… Ех, шпагети, пици, забајоне, канелоне, њоки, вино – љубов моја опсесивна…
А температурите минатата недела?!
Можеби, заминувањето на летото ми паѓа тешко затоа што ги мразам разделбите, тие ми асоцираат на тажни разминувања, а кога се емоциите во прашање, секогаш исто лудило и исто такво прашање – што е љубов ако не пијанство? Кога човек ќе испие прва и втора чаша, му се отвара „дизната“ и се јавува жед, па тогаш пие чаша по чаша, не знае за доста и така со геренарции…
Туку, да не забегам во друг правец, а во главата ми е летото…
Велам, сеуште сум со сандали, во куси ракави, ги бркам и се ежам во свежите есенски утра, чекајќи го денот, да ме стопли во полната зрелост . Се топам од миризбите, ги сакам зошто секоја има своја асоцијација.
Миризбата на маслиновото масло, босилек, лук… Риби?! Морски и езерски пржолиии, препечени лепчиња, или- брускети со домат… Смокви со сирење, рукола со мед…Ах, ми се превртува желудникот од копнеж…. Шарена салата во која не се штеди на сирење, наросена со свежи зачински тревки, штотуку испечени тиквици, модар патлиџан… познат гурмански терен во кој знам што да очекувам. Маслиново масло како цар над царевите каде и „обично“ парче леб нурнато во неговите сокови станува благородник. Вкусно и спокојно, за мерак што сакам подолго да трае.
Одиме понатаму, на пиперки. Од се што прават, се раѓа поезија на чинија од која и најзакоравените намќори се насмевнуваат. Пиперки полнети со урда, печени, гмечени, сечкани…. Гушнати со домат, лук и магдонос. Да, може да се лути. И распостелени во сиот свој раскош во дружба со магдонос, лук и оцет….
Секогаш ми било интересно сознанието дека пиперките се добри за депресија, реума (антиреуматик) и за уште нешто (одличен афродизијак и диуретик). Плус тоа, тие ми се апсолутни херои затоа што се незаменливи кога е витаминот Ц во прашање- го имаат повеќе и од лимонот и од портокалот (една пиперки 100-250 мг од овој витамин)….
Да, безмилосна сум, и продолжувам со менито кое наскоро ќе ми стане само сеќавање – пиперки, патлиџани и јајцата, вкомпонирани во популарната летна манџа, за трендсетерите „миш- маш“.
Некаде прочитав дека нашите пороци демнеат, чекаат по патот на животот, исто како гостилничари кај кои редум треба да одседнеме- се сомневам дека искуството би не вратило од нив, кога би ни било допуштено да го повториме патот. Дали се што набројав има врска со пороци?
Бидејќи горепоставеното прашање го одговарам негативно, си го довршувам списокот со макала, салати- шопски, македонски, мешани, зелени, лични…
А овошје, вистински летни декаденции на праски, грозје, дињи и лубеници….
Несакам да се задлабочувам, затоа што гурманскиот немир ми го ремети мирот, а кај и да е, ќе ми ги загребе и очите.
Ех, природата е величенствена во малите работи.
Знаете зошто? Затоа што, ако имаме среќа, а имаме: се повторуваат годишните времиња, сонце заминува за да се врати а зимата е вљубена во пролет, се ќе се врати, полека, кроце, на прсти.., само за некој месец.
Вања Тодоровска
Фото- Pexsels