Со гала- вечера во ресторанот „Воденица“, во присуство на Амбасадорот на Италија, Н.Е. Карло Ромео, пријатели, колеги, професионални и гурмани по професија, гламурозно заврши Неделата на италијанската кујна во Македонија. Во петокот вечерта, на едно место, во комплет со храната, се промовираа и сите адути и убавини на „бела Италија“.
Класификацијата, или ако сакате локацијата- „made in Italy“ во храната, вкусовите и естетиката, навистина ги допре врвовите. Италијанската „cuisine“ е синоним за традицијата, па и покрај многуте разноликости диктирани од региони, овонеделното гастропатување беше вистинска привилегија и можност за подетално запознавање на оваа раскошна земја.
Престижната кулинарска уметност и во „Воденица“ ја презентираше италијанскиот Шеф Армандо Кодиспоти. Неговата богата биографија вели – храната е есенцијален дел од идентитетот на земјата, а менитото „Sapori d Italia“ ja осмисли во шест дела придружувани од првокласни вина, со : White truffle, Meat tartare, Armandos egg, Blu potatos Gnocchi, Beef Tagliata with parmesan and arugula, Tiramisu with luchees and bergamot. Уживавме во вкусовите на чинија, држејќи се и до новите правила во гастрономија – спирулина на јајце, здрав син компир (нема асоцијации за сината крв), преполн со антиоксиданси, анасон како мирудиа…
– Мојот талент произлегува од љубовта кон храната, од она нешто…Секако на тоа се надгради моето образование, студиите во Алма, во Меѓународното училиште за италијанска кујна. Станува збор за највлијателен институт што за појдовна точка ја има дипломатијата и нспирацијата на светот -гастрономијата и угостителството… Мојата професија значи патување, кулинарско усовршување низ разноразни дестинации низ светот – Италија, Лондон, Шпанија, Бахами, Токио, Кувајт, Прага, Братислава, Бејрут … Токму тоа меѓународно искуство создава врвни готвачи- ни рече Кодиспоти.
Инаку, во текот на целата недела се случуваа промоции и настани наменети за гурманољупците на италијанската храна и вино а медитерански начин на исхрана, таканаречената Медитеранска диета, беше овогодинешната, централна тема.
Со најразлични пристапи, професионално одработени за нас што Италија ја носиме во срцето, беа опфатени – готвачи професионалци и аматери, компании заинтересирани за увоз и дистрибуција на италијанска храна и вино, љубителите на италијанскиот филм и канцона, најмалите, највеселите а голем интерес предизвика Мастер клас на мишелин- шефот Кодиспоти, во организација на Италијанската амбасада, ИТА, Italian Trade Agency и нашиот „Гастромак“.
И уште нешто.
Веќе нема дилема зошто италијанската кујна е обожавана во сите делови од планетата, иако историски гледано, една од првите светски гастрономски унификации потекнува токму од Апенинскиот Полуостров. Пасти, печива, салати, топли и ладни предјадења – њоки со рукола и пиноли, со неколку вида сирење, шпагети со школки, „волшебен“ ориз, интегрални макарони со моцарела и сирење…, богатството на специјалитети и состојки типични за италијанските региони и се разбира- маслиновото масло…Голем е спискот на сите пробани делиции што не не оставија рамнодушни.
Да спомнеме дека недела на Италијанската кујна е настан од светски рамки а целта да се промовира италијанската ено-гастрономска култура и традиција, безусловно е исполнета.
Ете и тоа е витештво на Италијанците- тие едноставно не се обидуваат да бидат поинакви одошто се.
И за крај, верувам дека ова италијанска гастрономска недела ќе биде предизвик и за другите амбасади, преку храната, вака сеопфатно да ја презентираат и својата земја.
Вања Тодоровска