Да се соберат 25 години работа, во две ипол децении да се спакува живот, имагинација, творештво но и занает- на нов, двоен албум, како што тоа го направи Горан Тодоровски, навистина заслужува длабок наклон.
Но, да тргнеме по ред.
Горан може да биде горд на годините низ кои се градел и музички созревал, бидејќи тоа искуство му овозможи на свој начин да ги „расцути“ македонските песни, да внесе свежина, исто како што направи со „Како божица“ премиерно изведена на „Сенатор фест“ 1994 година. Оваа композиција, иако Тодоровски тогаш беше анонимно, скоро голобрадо момче, веднаш стана хит.
Потоа се нижеа -„Ми ја зеде среќата“, „Како да ти речам мила“,„Пусти мерак Ратке“, „Те познавам“, „Сонце само ти“, „Солен дожд“, „За тебе се песните“.., а се останато е историја.
Осмиот студски албум на Горан „Една по една“, достојно на јубилејот, со вткаено 25. годишно искуство значи и проверен тим : Сашо Ливрински, Дејан Миленковски, Огнен Неделковски, Орце Зафировски и Ице Беличев, голема професионалност и уште поголема емоција: секоја нота си го има своето место а зборовите се буквално нанижани.
Следејќи го својот сензибилитет Тодоровски направил спектакл од емоции, не се штедел овие две години додека се правел албумот, и за таа предаденост и комплиментите не се штедат.
Албумот е вистински хит, не само во композициска смисла туку и во однос на она што би требало да направи на заспаната фолк сцена – песните се музички кислород што сигурно ќе го исчистат „загадениот“ простор.
„Срце преполовено“, „Мојот гурбет“, „Лево десно“, „Една по една“, „Кусур од вчера“, „Се до денар ќе потрошам“, „Љубов насушна“, „Црно бела љубов“… се создадени за уживање ама сигурна сум дека ќе инспирираат да се врати ренесанса во фолк музиката.
За жал, упаството за употреба на албумот го немам, но слушајќи го, не плашете се да излезете од себеси. Па и да ви светнат очите, издајнички да капне понекоја солза, ќе го имате вредното сознание дека сте живи.
Зрелите емоции се како заздравена рана- по извесно време го допирате болното место а го имате само сеќавањето на неспокој.
Од се срце ви го препорачувам албумот на Горан Тодоровски.
Вања Тодоровска