Гуна Маркова: Сеуште со моето слатко од смокви велам, добредојде
Кога некој за добредојде ќе принесе домашно слатко и ладна вода, тоа е како ширум да ги отворил портите на своето срце.
Слаткото, иако ми се се поретки среќавањата со овој ритуал, ја има таа посебна моќ, молчешкум да поврзува, разнежува, а кога е од смокви, е тогаш потпишувам потполна капитулација. Зборот ми беше, овој „царски десерт“ е адут за добри и лоши денови, скратен пат до дома што сегашноста ја заведува со минатото.
Гуна Маркова од Валандово слаткото од смокви го прави со години и, толку му ги знае тајните, табиетот, што може да го прави и со врзани очи.
Додуша, поради алергијата што и ја предизвика, последниот период таа дава инструкциии а слаткото го прави нејзиниот сопруг, но сеедно е сласно, сочно и миризливо.
Како што ни раскажа ова интересна жена (инаку архаичното име Гуна и е наследство од баба и) слаткото е едно од најубавите и со години се прави во нивниот крај. Семејната сторија вели- 1984 година таа како млада невеста во Валандово, полна со енергија и елан, посакала да вари слатко од смокви.
– Ја прашав мојата свекрва како се вари а таа ме упати на тетката на мојот сопруг, во исто време и комшифка. Првите сознанија од неа се- на секоја подварена вода да се притискат смоквите од водата, и на крај останаа само парчињата. Кога ги ставив да вријат шеќерот и водата, додека да дојдеше таа, шербетот беше веќе густ, и како го ставив слаткото во теглите така остана зашеќерено и „сокршено“. По тоа искуство, по неколку години почнав да го варам со една другарка и навистина беше добро.
Долгогодишна и плодна соработка со Слоу фуд
Рецептот е традиционален -на килограм смокви се ставаат три килограми шеќер, вода и лимонтус. Има и еден мастраф- за да шербетот навлезе во плодот, секоја смоква се продупчува и поради тоа се толку сочни, сласни и вкусни. Процедурата на правењето на ова слатко е напорна, се вари во 9 води, па иако се смета за престиж, некои одбегнуваат да го прават. Секако, поради тежината на приготвувањето, повеќе се вари слатко од зрели смокви.
И така тргна. Од сите страни слаткото добиваше комплименти а нејзината свекрва го продаваше на раскрницата со Дојран, Валандово и Струмица. Тоа беше слатко време, вистинска ренесаса на слатката, и тогаш Гуна вареше повеќе видови: од диви и зрели смокви, модри сливи, тикви со патлиџан, цреши, вишни, дуњи, и се во големи количини.
– Како што спомнав, го правам слаткото од 1987 година, но во 2000 година добив елергија од него и повеќе не смеам да му се доближам. Сепак, желбата ми е поголема од стравот, па одтогаш го вари мојот сопруг а јас од далеку давам инструкции. Како за сите работи кај нас така и оваа: многу е полесно слаткото да се направи отколку да се продаде: во просек варам од 30 до 50 кг шеќер..
Слаткото од смокви, на Гуна и донесе многу убави работи: нивниот производ е прв президиум на Слоу Фуд, и со него ги посетува разновидните саеми и пазари, во и надвор од земјата.
И како и секоја приказна за традицијата и оваа завршува носталгично:
– Кога ние бевме млади, во секое семејство со кафе задолжително се послужуваше слатко, се сеќава Гуна- но веќе ја нема таа традиција.
Иако во последните неколку години се повеќе ми нарачуваат ајвар, кај нас дома, кога и да е, во кој и да е делот од годината, го имаме слаткото, и секое добредојде е токму такво, со лажиче слатко и вода“.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени