Дејан Кузманоски: Во Шибеник готвам тавче – гравче и посна сарма
Оние што „нуркаат“ во кујна, поточно- сите ние што готвиме, ја знаеме тајната поврзана со храната и љубовта. Звучи субјективно но сеуште мислам дека само добрите луѓе готват, несебично се даваат сецкајќи, пржејќи, смислувајќи рецепти…. А принесувајќи го јадењето на софра, да, како деца треперат во исчекување на некој коментар… Не сум пробала ништо од „менито“ на Дејан Кузманоски, но фотографиите што одвреме- навреме ги објавува на својот „ф-б профил“, често оплеменети со некој стих, некое зборче, откинато од длабините и корените, ме предизвикаа да го прашам како, зошто и кога готви.
Еве ја неговата гастро- приказна од Шибеник .
– Почнав да готвам како студент, во тоа време немаше интернет, или нам не ни беше достапен.., рецептите се препишуваа, копираа, прераскажуваа…Воглавно, учев од мајка ми која успешно ги модифицираше рецептите од својата мајка…Така ги откривав тајните на нашата кујна, велам – наша, затоа што не се знае кој рецепт од каде потекнува и какви измени претрпел…Луѓето се мешале, навиките, обичаите…, станувало се побогато.Така и мајсториите во готвењето.
Моето вегетаријанско определување ми го ограничува „репертоарот“, но приготвувам и храна со месо, особено во лето, кога имам гости од Македонија.. Обично не комплицирам со мирудиите.., кај мене се е едноставно, мирисот е многу битен, бојата особено…
Одбирам свежи, квалитетни производи…Но, за турли-тава си носам замрзната бамја од Македонија, во Хрватска не знаат што е бамја…Подготвувам стари јадења…гравче- тавче, се разбира со македонски грав, полнети пиперки (посни), мали сарми (посни….како за слава), спанаќ, ориз…традиционален, „црвен“ (со пиперки и црвен пипер од западна Македонија)…Без суви црвени пиперки, не ја дочекувам зимата, ако сум на Медитеранот.
Во Хрватска пак ја „присвоив“ и медитеранската кујна.. Разни рижота и тестенини со морски плодови, лосос…печурки на многу начини…, запечен зеленчук со бешамел, со јајца…брускети, канапеи кога ќе ме изненадат гладни гости..Печена риба, компири на разни начини како прилог…
И најважно, готвам со големо задоволство и љубов. Моите пријатели доаѓаат на кратко и остануваат по неколку часа.. Да, убаво е кога велат, одиме „код веселог Македонца“…
Коментарите се затворени