Веста за смртта на Горан Стефановски предизвика бура од реакции по социјалните мрежи. Еве како од големиот драмски автор се простуваат неговите пријатели, колеги, ученици, поддржувачи…
Драган Спасов- Дац: Само пред осум дена го постирав интервјуто со Горан…Огромна тага… не знам што да напишам...
Винка Саздова: Треба да пишуваш како да се работи за живот и смрт. Како да си пред стрелачки вод.
Сите се штедиме. А дали треба? Треба да се разнесеме како бомбашите самоубијци, да согориме.
Така зборуваше Горан додека го пиевме кафето минатиот август во Охрид.
Татнат неговите зборови во мене, ќе татнат засекогаш во сите нас.
Светлина со Љубов на Патот, драг Горан.
Огнен Неделковски: Мој професоре, Горан Стефановски, срам да ти е што тивко и без поздрав го напушти овој свет! Ти благодарам за четирите години ука и наука на ФДУ. Од тебе ги научив сите финти на драматургијата. Се простувам со тебе со овој твој текст, за твоето сакано Скопје. Твојата душа ќе лебди со векови низ сите театарски сцени… НЕ ПОСТОИ КРАЈ.
Весна Петрушевска: Најголемиот драмски писател за мене Горан Стефановски, ми беше и професор и пријател.Си замина во вечноста, последен пат го видов на пешачки и му викнав од кола:”Те сакааам!”Каков ум и каков фраер драги мои.Да живееш во времето на Горан е вистинска привилегија.Какво богатство ни остави …непроценливо, моите мили деца од актерската школа од најмала возраст ги учам кој е Горан и говорат негови текстови…Ќе недостасуваш најмногу… стварно нема смисла …„Има помалку души одошто луѓе. Знаете ли тоа? Има повеќе тела одошто души. Па една душа опслужува повеќе тела. Душите се како кучиња. Сакаат да се блиску до господарот. А вам ви е гајле. Ги пуштате да гладуваат, да лутаат неспокојно.“
Петар Горко: Бескрајна е тагата кога ќе изгубиме голем човек, пријател, професор, фамилија… Горане, еден и единствен … Никогаш нема да те заборавам.
Југослав Петревски: Горан Стефановски не е „мртов“, оти големите драмски писатели не умираат, тие живеат и ќе живеат се дур постои театарот – тие штици што значат ЖИВОТ! … И исто како Есхил, Молиер, Шекспир Бекет… така и Горан е “жив“ и ќе живее со секоја нова постановка на било која негова драма, на било која театарска сцена во светот!
Горан исто така ќе продолжи да живее и преку еден друг, несомнено, нај благородниот чин, кој е одлика само на големите луѓе. Тој не мислеше само на својата иднина како драмски писател, туку и на иднината на драматургијата, особено тука во Македонија… Големината е во тоа што – Горан е татко на современата македонска драматургија, секако како автор, но уште повеќе, би рекол – како професор по драматургија. Тој без ронка себичност го пренесе сето свое мајсторство, сите тајни на драматуршкиот еснаф, врз нас – неговите студенти по драматургија. Така тој го засади и го зарти семето на современата драматургија во Македонија… и од тоа плодоносно поле на драмска умешност и занает, денес сме тука ние, неговите ученици – и јас, и Дејан, и Маја, и Сашко, и Викторија, и Огнен, и Жанина; и многу други… така, тој си “обезбеди“ уште една безсмртност – Горан, ќе живее низ – заплетите, драмсите ситуации, репликите – во нашите драми, низ драмите, на нас – некогашни негови “чираци и калфи“, а денес, секој од нас -подеднакво голем мајстор на својот занает.
Убеден сум, и мислам дека моите колеги ќе се сложат со мене – Да го немаше Горан како врвен автор и како професор кој создаде автори, автори налик на – здрав темел, темел врз кој понатаму, може и мора, да расте и да се развива македонската драма, да го немаше Горан – македонската драматургија и воопшто македонскиот театар, ќе беше многу по сиромашен, наместо споменатата исполнетост – ќе имаше една “црна дупка“ која со ништо нема да можеше да се пополни.
И на крај, нема да кажам – Нека му е вечна слава! Оти Горан и славата и вечноста ја “заработи“ уште за време на својот живот!
Туку ќе напишам – Професоре, колега, пријателе – Ти благодарам за се!