Домашна, највкусна храна и волшебен поглед од Тераса Утарна

Кога се „искачив“ до Тераса Утарна, гостилница која се наоѓа во охридското село Горно Коњско, за чија надморска височина „гугл“ забележува 1.100 метри, си реков: ајде, нека застане времето. Таа широчина, каде и да заталка погледот, длабоко нежно синило, и горе и долу, ми направија волшепство. Да почувствуваам дека се е ништо а ништо- се. Личотија.

Погледот од тераса, ретро балконот од дрво, најблиску до птиците, го сокрив некаде во потсвеста, оти ова тука: езерото, небото, спокојот, ме восхитија како да сум на чекор до целта. Како и да се вика таа.
И не е само до погледот на Тераса Утарна: тоа чувството на слобода што го има во оваа куќичка- гостилница, стокмена како за гости и тоа- носталгични, со носии, едно старо радио, драги спомени, стомниња, газиени лампи, предмети од дедо и прадедо, трагите на животот, каде по некоја внатрешна интуиција се препознавам, се е блиску до срцето, трепери со оној занес што го знаат луѓето со иста енергија.

А домаќините, Ирена и Благоја Наумоски на оваа тераса која стопанот ја правел со љубов и со години, го надополнуваат чувството на радост. Сеедно дали ќе се сместите горе или долу, погледот од секаде е импресивен. Масите и столиците, се е од дрво, а ѕидовите од камен се украсени со шарени дребулии и носии. Новото време провоцира да правите селфи, а она другото, моето време, тера да впивате. Така и приказните, муабетите се надоврзуваат едни на друга, спонтано, најприродно.
– Името на терасата се наметна самото- раскажува Благоја- затоа што селаните местото каде што сме сега, го нарекуваат Утарна. Идејата да направиме нешто на овој наш убав имот ја добивавме постојано, од познати и непознати, луѓе кои што поминувајќи тука, восхитени од глетката ни бараа вода да се освежат. Реализацијата на гостилницата беше во 2015 година, а желбата ни е, сите што ќе дојдат да почувствуваат како живееле нашите дедовци.

И додека Благоја раскажува, Ирена со оние доверливо сини очи принесува домашно слатко од малини и изворска вода. Таа се надоврзува со она во што е најдобра, во приготвување на храна, а тука е локална и сезонска, бидејќи годишните времиња го диктираат менито.
– Сама поткиселувам млеко, правам леб, месам, локалната гастрономија се повеќе стаува популарна, имаме питулици и ѓомлезе, традиционално готвам и под вршник, на шпорет на дрва, во фурна, па затоа јадењата имаат поинаков вкус.
Навистина е така. Вкусовите на детството од оваа рустична и романтична гостилница, секогаш се примамливи: во овој период најбарани се сармички од лозов лист, Ирена ги прави мераклиски, како војници, сите под конец, исти и вкусни.

Популарни се и полнети пиперки и тиквички, зелени пиперки со домашно сирење: зеленчукот е од селото, тазе, убав и личен.
Се израдував кога слушнав дека во секое време има месен леб и домашно сирење со ким, а адут плус се домашни колбаси, лукајнци што самите ги сушат, селско и пушено домашно месо.

-Од неодамна ја правам „плескавицата Утарна“- продолжува Ирена – со сланина, печурки и кашкавал, за брзо време стана многу барана и популарна.“
Инаку, мене омиленото јадење од овој локал, што првпат го пробав беше- каурдисана туршија, со ориз, праз и туршија: се обидов да ја правам дома, и по неколку консултации со Ирена, ми се чини се доближив до оригиналот.
Имав среќа што Утарна ја посетив и во октомври, пред затварање на сезоната и тогаш на менито беше грав со домашни колбаси, пита, варено телешко и свинско месо чувано во тегла, пинџур, ајвар, макало, баклава со тиква…

Предизвици на секој чекор, нема „конфекција“ во Утарна, човек да се препушти на природата и да ужива во хедонизмот.
Не знам за другите, но јас мислам дека во оваа гостилница не треба да се брои време: кога ноќта ќе почне да го заведува денот, тој лека полека, и подлегнува на чарите. Баш така. Кога се ќе се смири, се слуша само животот и природата. Ирена принесува овошен колач со јагоди и малини и прашува кога повторно ќе дојдеме…

Вања Тодоровска

Би можело да ве интересира Повеќе од овој автор

Коментарите се затворени

error: Content is protected !!