Пандемијата на Коронавирусот сосема ни ги смени животите, особено што непријателот е невидлив и непредвидлив. Што можеме да направиме за себеси и за најблиските, за да го намалиме чувството на напнатост, страв, анксиозност, неизвесност? – Да се опуштиме со правилно одбран чај, или купка- вели др Драган Јованов, нудејќи го богатството на македонската современа фитомедицинска терапија. Во неколку продолженија ќе се информирате за чаевите кои Јованов ги предлага за смирување и намалување на стресот.
Анасон
Анасонот може да биде одлично средство за смирување. Познат е по неговата моќ за смирување и зајакнување на нервите, па со тоа помага против нервоза, раздразливост, несоница и хистерија.
Но, мора да имате во предвид дека во голема доза, анасонот делува токсично и хипнотички, така што мора да бидете внимателни со неговата консумација.
Нане
Нането е лековито, миризливо, медоносно, зачинско и индустриско растение. Чајот од листовите на нането го зголемува лачењето на жлездите што учествуваат во варењето на храната, го зголемува апетитот, го поттикнува лачењето на жолчката, ги отстранува спазмите на мазната мускулатура од цревата, жолчката и мочните патишта.
Основна активна материја на нането е ментолот. Ако се нанесува на слузокожата или ако се истрие во кожата, ментолот ги надразнува нервните завршетоци и предизвикува чувство на студенило. Купките со листови од нане се препорачуваат при нервно возбудување, а чајот се користи за плакнење на устата при воспаление на непцата.
Нането се употребува како пријатен, благ и корисен лек за смирување, против гасови, надување и грчеви, против тешкотии во варењето на храната во организмот, а влегува во составот на чаевите за лачење на жолчката. Нането, исто така, може да се употребува и во исхраната како одличен зачин за грав и сл.
Забелешка: Нането не треба да се користи во големи количини затоа што големите дози можат да поттикнат бронхоспазми, проблеми со дишењето и болки во областа на срцето.
Камилица
Камилица е лековито растение со широк спектар на употреба.
Ја прочистува крвта, се користи како лек против чирот на желудникот и на дванаесетпалечното црево.., надворешно при воспаленија на слузокожата и на кожата, за плакнење и подготвување облоги против очните и разните кожни болести, за инхалација, купки, гаргара.
Камилицата задолжително се употребува и за лекување раздразнетост, пречувствителност при невралгии, ревматизам, болки во половината, внатрешен немир, несоници, душевна изнемоштеност, преголем замор и слично.